Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ – СУПЕРЛИГА, ПЛЕЈОФ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се старо-нови шампиони на Македонија, откако во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје го победија Вардар со 32-30 (15-17), во саботата.
На тој начин битолчани во последното коло од плејофот ја одбранија титулата. За Еурофарм Пелистер ова е вкупно деветта титула, а првпат во својата историја врзаа три титули во низа.

Кај Вардар најефикасен играч на натпреварот беше левиот бек Вуко Борозан со осум погодоци, а еден гол помалку постигна Марко Срдановиќ. Кај битолчани седум гола постигна капитенот Филип Кузмановски, а по пет реализираа Жарко Пешевски, Домен Тајник и Усам Хосни.

Еурофарм Пелистер сезонава првпат влезе во плејоф-завршницата како првопласиран и ја одржа челната позиција до крајот, загубувајќи само од Вардар во Битола. Вардар со 15 шампионски титули останува најуспешен машки македонски ракометен колектив. Г.И.