„Богатството од ова ЕП е да одиграме што повеќе натпревари“

Наша цел на ова ЕП ќе биде да го извлечеме максимумот од репрезентацијата и да се покажеме во светло издание, односно да видиме до каде ни се силите во моментов. Нормално е дека сакаме некого да изненадиме, да можеме да го освоиме тоа трето место што нѐ носи во втората фаза, изјави Савевски

ЉУБОМИР САВЕВСКИ, СЕЛЕКТОР НА ЖЕНСКАТА РАКОМЕТНА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

До почетокот на Европско првенство (ЕП) во Македонија, Црна Гора и во Словенија, остануваат уште петнаесетина дена, собирот на македонската репрезентацијата, предводена од селекторот Љубомир Савевски, е закажан за понеделник (13 ч.) во Скопје, а потоа ќе почнат и последните подготовки. Македонија во групата Ц прво ќе игра со Франција на 5 ноември, потоа следуваат дуелите со Холандија и со Романија, сите ракометни велесили. Трите најдобри селекции од секоја од четирите групи одат во следната групна фаза. Титулата од ЕП 2020 ја брани селекцијата на Норвешка.
– Сите репрезентации во нашата група се силни и имаат амбиции да освојат медал на ова ЕП. Тука мислам и на Романија, иако се смета за малку послаба селекција, но која одамна чека да се врати во ракометниот врв. Сите три селекции гледам дека имаат широк состав на ракометарки, така што воопшто не им е проблем ако некоја или неколку ракометарки откажат – вели Савевски.

Каде е нашата предност за да ја поминеме оваа фаза?
– Сметам дека од нивна страна сигурно нема да има потценување кон нас иако нѐ сметаат за аутсајдери во групата, тоа се, сепак, искусни репрезентации и нема така да размислуваат. Она што е многу поважно е ние да се претставиме во Европа во што посветло издание, да покажеме дека имаме талентирана генерација, која со добра работа понатаму треба да покажува успешни резултати, како што беше примерот со кадетките на СП во Литванија, каде што го освоија златниот медал – рече Савевски.
Кои се амбициите на Македонија во оваа силна конкуренција?
– Наша цел на ова ЕП ќе биде да го извлечеме максимумот од репрезентацијата и да се покажеме во светло издание, односно да видиме до каде ни се силите во моментов. Нормално е дека сакаме некого да изненадиме, кого било, да можеме да го освоиме тоа трето место што нѐ носи во втората фаза. Едноставно тоа е и богатството од ова ЕП, да одиграме што повеќе натпревари. Ако бидеме четврти, ќе одиграме само три натпревари, а ако се пласираме понатаму, ќе играме уште три и плус две средби за пласман, што за оваа селекција е исклучително значајно. Сите знаеме дека не е исто да се игра со слаби и со силни репрезентации. Се надевам дека и публиката овој пат ќе биде присутна во поголем број, ќе нѐ бодри, а патем не знам и кога другпат ќе има можност да види на едно место вакви силни селекции – изјави селекторот.
Прв фаворит во нашата група?
– Не би можел да одговорам најпрецизно, но, според мене, би ѝ дал предност на Франција, иако и Холандија е мошне силна, добро работи и напредува во сите категории – вели Савевски. Г.И.