Фото: РК Алкалоид

РАКОМЕТ – ЕХФ ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА НЕОДИГРАНИОТ РЕВАНШ-MЕЧ ОД ФИНАЛЕТО МЕЃУ АЛКАЛОИД И АЕК

Ова не е само победа. Ова е уште една потврда за големиот успех и за квалитетот на нашиот тим и на македонскиот ракомет. Трофејот од Европскиот куп заслужено ќе биде во нашите витрини. Честитки до нашите херои на теренот. Ви благодариме на сите за поддршката. Ова е резултат на страста, напорната тимска работа, пожртвуваноста и на непоколебливата верба, напиша Алкалоид на социјалните мрежи

Македонскиот ракометен суперлигаш Алкалоид, предводен од тренерот Кирил Лазаров, е победник во Европскиот куп за сезоната 2024/2025, објави Европската ракометна федерација (ЕХФ). Победничкиот пехар, кој неоправдано не беше доделен во Скопје откако не се одигра возвратниот натпревар во Скопје од финалето на тоа натпреварување со грчкиот АЕК, конечно сега ќе замине во витрините на Алкалоид.
Во одлуката што Европската ракометна федерација ја донесе, а ја нарече прва за неодиграниот натпревар, пишува: „Ракометниот суд на ЕХФ ја донесе својата прва одлука во врска со случајот откако беше откажан реваншот од финалето на Европскиот куп за мажи на ЕХФ за сезоната 2024/2025 помеѓу Алкалоид и АЕК, првично закажан за 25 мај 2025 година во Скопјe (Македонија). Ракометниот суд утврди дека АЕК бил должен да учествува на закажаниот натпревар. Со одбивањето да го стори тоа, клубот ги прекршил релевантните прописи на ЕХФ и затоа е одговорен.

Судот одлучи на следниов начин: резултатот од реваншот во финалето на Европскиот куп за мажи за сезоната 2024/2025, меѓу Алкалоид и АЕК Атина, е регистриран со 10-0 во голови и 2-0 во бодови за Алкалоид. Првиот натпревар заврши со победа на Алкалоид со 29-25. Затоа, Алкалоид е победник на Европскиот куп на ЕХФ за мажи за сезоната 2024/2025, вклучувајќи ги сите последици и предности што произлегуваат од оваа титула. Секоја жалба против овие одлуки нема да има суспензивен ефект. Одлуката што се поднесува се однесува само на аспектите на случајот поврзани со натпреварувањето. Посебни дисциплински постапки во врска со одбивањето да се игра натпреварот, поврзаните штети и распределбата на билетите, уште се во тек. АЕК Атина може да поднесе жалба до Апелацискиот суд на ЕХФ во рок од седум дена“.

Со тоа, секако, правдата, која реално и се очекуваше, е задоволена, единствено што присутната публика во салата беше оневозможена да ужива во уште еден голем дуел на своите миленици. Секоја друга одлука од Европската ракометна федерација ќе беше калкулантска, скандалозна и без преседан во аналите на ракометната историја.
– Ова не е само победа. Ова е уште една потврда за големиот успех и за квалитетот на нашиот тим и на македонскиот ракомет. По извојуваната победа во Атина во првиот дуел, противникот АЕК одби да го одигра реванш-натпреварот во Скопје од свои причини. По разгледувањето на сите случувања и докази, ЕХФ донесе одлука за службена победа со 10-0 во голови и со 2-0 во поени за Алкалоид. Трофејот од Европскиот куп заслужено ќе биде во нашите витрини. Честитки до нашите херои на теренот. Ви благодариме на сите за поддршката. Ова е резултат на страста, напорната тимска работа, пожртвуваноста и на непоколебливата верба – напиша Алкалоид на социјалните мрежи.

Aмбициозниот македонски претставник во ракометна Европа, Алкалоид, сосема заслужено дојде до пехарот во ова натпреварување, притоа елиминирајќи ги Клаипеда Драгунас (Литванија), Вест Виена (Австрија), Бриксен (Оталија), Баја Маре (Романија), потоа во полуфиналето Сандефјорт (Норвешка) и во финалето АЕК (Грција).
За Алкалоид и за Лазаров како тренер ова се први европски трофеи, а за македонскиот ракомет тоа е четврти пехар, по титулите европски шампион на Вардар, освоени во 2017 и во 2019 година во машка конкуренција и европската титула во женска конкуренција на Кометал Ѓорче Петров, освоена во 2002 година. Г.И.


РФМ: Значајно достигнувањe на македонскиот ракомет

По повод триумфот на Алкалоид во Европскиот куп, се огласи и Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
– РФМ му упатува искрени честитки на Алкалоид по повод освојувањето на Европскиот куп. Овој успех претставува значајно достигнување за македонскиот ракомет и поттик за понатамошен развој и за афирмација на нашиот спорт на меѓународната сцена. Продолжете со посветената работа и нови успеси – напиша Ракометната федерација на Македонија, на социјалните мрежи. Г.И.