Македонската машка јуниорска ракометна репрезентација, денеска заминува за Маврово, каде што во следните седум дена ќе ја реализира втората фаза од подготовките за учество на ЕХФ-шампионатот од Б-дивизијата, кој од 20 до 29 јули ќе се игра во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.
Избраниците на селекторот Данило Брестовац на претстојното првенство ќе се борат за освојување на првата позиција во групата Б и победа во финалето со првопласираната селекција од групата А, која, пак, би им донела место на Европското првенство (ЕП) 2020 година.
– Седумдневните подготовки во Маврово ќе ги искористиме за реализација на комбинирани кондициско-техничко-тактички тренинзи во чии рамки се предвидени и два контролни натпревара со селекцијата на Црна Гора. По враќањето од Маврово, во Скопје ќе продолжиме со финализирање на формата и завршните корекции во играта, а во преговори сме и за уште еден контролен меч – изјави селекторот Брестовац пред поаѓањето.
Противници на македонските јуниори во групната фаза ќе им бидат селекциите на Швајцарија, Италија, Украина и на Велика Британија, додека, пак, во групата А ќе играат Белорусија, Фарски Острови, Финска, Грција, Естонија и Литванија.
Покрај двете групи во Македонија, во рамките на ЕХФ-шампионатот две групи ќе играат и во Црна Гора. Најдобро пласираните репрезентации од двете групи ќе вкрстат во финален меч, кој на победниците од финалето од Македонија и од финалниот дуел од Црна Гора ќе им овозможат директно учество на јуниорското ЕП 2020 година.