Во првото полуфинале денеска ќе играат Франција и Шведска (17.30 ч.), а потоа се среќаваат европскиот првак Шпанија и актуелниот светски шампион Данска (20.30 ч.)
РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЕГИПЕТ
По спектакуларните мечеви во четврт-финалето, Данска, Шпанија, Франција и Шведска се селекциите што обезбедија пласман во денешните полуфинални дуели на ракометното Светско првенство (СП) во Египет. Во првото полуфинале ќе играат Франција и Шведска (17.30 ч.), а потоа се среќаваат Шпанија и Данска (20.30 ч.).
Најтешкиот пат до полуфиналето го имаше актуелниот светски првак Данска во дуелот со домаќинот Египет. Во меч со многу пресврти и драматични моменти во последните секунди од регуларниот дел од мечот и од продолженијата (по 60 минути беше 28-28, а по двете продолженија по 10 минути одново беше нерешено), поуспешни во пенал-рулетот беа Данците благодарение на двете одбрани на Никлас Ландин.
Неизвесен и изедначен дуел одиграа и селекциите на Франција и на Унгарија, кои победникот го решија во првото десетминутно продолжение (по 60 минути игра беше 30-30), а победи Франција со 35-32. Без повредениот Сандер Сагосен во еден дел од мечот, Норвешка, пак, не можеше да ѝ парира на разиграната Шпанија, па актуелниот европски првак победи со 31-26. Тоа беше дуел и на голмани, оти Шпанецот Родриго Коралес имаше 19 интервенции, а двајцата голмани на Норвешка 14. Шведска славеше над Катар со 35-23.
Тимската игра (21 асистенција) и брзата реализација на контрите (10) беше одлика на играта на Шведска. Данска и Шпанија беа најефикасни од линијата од шест метри со по 11 реализации. Најефикасната бековска линија во четвртфиналните дуели ја имаше Франција со 13 реализации од линијата од девет метри, а со 19 одбранети удари Шпанците има најголема поддршка од голманите.
За Французите ова ќе биде четврто полуфинале во низа на СП, а Шведска по десетгодишна пауза се враќа во трката за мундијалски медал. Меѓу полуфиналистите, Шведска и Франција се најтрофејни со по 11 медали од СП. Швеѓаните имаат шест злата, едно сребро и четири бронзи, а Французите имаат четири златни (од последните шест првенства), три сребрени и четири бронзени медали. Данска е трета според бројот на медали, пет, од кои по еден златен и бронзен и три сребрени, а Шпанија во својата колекција има два златни и еден бронзен медал. Шведска ќе го игра 14-то полуфинале на СП, за Франција ова ќе биде 13-то, за Данска 11-то, а за Шпанија седмо.
Според статистичките податоци од досега одиграното на СП 2021, Данците го имаат најдобриот напад со просек од 35,2 гола по меч, Швеѓаните најдобрата одбрана со просек од 24 примени гола по натпревар, а Шпанците го имаат најдобриот голмански тандем со 110 одбрани или 15,7 по натпревар. Швеѓаните имаат најмногу реализирани контранапади, 46, а во играта еден на еден најефикасни се данските ракометари со ефект од 35 реализирани пробиви.
ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Шведска 17.30 ч.
Шпанија – Данска 20.30 ч.
финалето е в недела
ПЛАСМАН ОД ПЕТТО ДО 32-ТО МЕСТО
5. Унгарија
6. Норвешка
7. Египет
8. Катар
9. Словенија
10. Португалија
11. Аргентина
12. Германија
13. Полска
14. Русија
15. Хрватска
16. Швајцарија
17. Белорусија
18. Бразил
19. Јапонија
20. Исланд
21. Бахреин
22. Алжир
23. Македонија
24. Уругвај
25. Тунис
26. Австрија
27. Чиле
28. Конго
29. Мароко
30. Ангола
31. Ј. Кореја
32. Зелено’ртски О.