Ракометарите на словенечкиот првак Целје и српскиот вицепрвак Железничар, се единствените екипи што бележат максимален ефект од по две победи во првите два дена на 46-от меѓународен ракометен турнир „Струга 2018“.
По победата на битолски Еурофарм Работник со 23-22 во 1-то коло, словенечкиот тим славеше и над француски Тулуз со 31-29. Французите одлично го почнаа натпреварот (7-1), но избраниците на Бранко Тамше, брзо ги консолидираа своите редови и воспоставија контрола врз играта, која, пак, резултира со победа за словенечкиот тим.
Две победи забележаа и избраниците на тренерот Веселин Вујовиќ, кои по победата над Струга со 25-20 во 1-то коло, доминантна игра реализираа и во дуелот со шведски Алингсас, кој го добија со 23-20.
Во другите мечеви на турнирот во Струга, Констанца и Алингсас одиграа нерешено 21-21, а турскиот првак Бешикташ за два гола беше подобар од Еурофарм Работник, 31-29.
Синоќа на турнирот беа мечевите од третиот натпреварувачки ден помеѓу Струга – Алингсас, Железничар – Констанца и Тулуз – Бешикташ.