Словенецот Домен Макуч во акција

Фактот што пет од 10-те клуба на листата на ЕХФ се од поранешна Југославија го прави Балканот центар на ракометна Европа

СПОРЕД ЕВРОПСКАТА РАКОМЕТНА ФЕДЕРАЦИЈА

Доброто семе е клуч за квалитетна и богата жетва. Како во сите спортови така и во ракометот, селекцијата, едукацијата и надградувањето на талентот се клучни за напредокот, развојот и квалитетот на секој ракометар.
Во пресрет на новата сезона, Европската ракометна федерација (ЕХФ) направи листа од 10 ракометни клубови, кои се најдобри за развој и напредок на ракометарите и ракометарките. Фактот што пет од 10-те клуба на листата на ЕХФ се од редовите на поранешна Југославија го прави Балканот центар на ракометна Европа.
На 10-то место на листата на ЕХФ е норвешкиот тим Елверум, кој е матичен клуб речиси на сите норвешки ракометни ѕвезди што играат низ Европа. Дел од Елверум бил и сегашниот селектор на Норвешка, Кристијан Берге, како и Стиг Раш, Кристофер Рамбо и новиот голем норвешки талент Александар Блонч. Отсекогаш најголемата битка за големите португалски таленти се водела меѓу Спортинг, Бенфика, Брага и Порто. Но Порто во последниве години се издвои како тим од чии редови излегоа играчи со кои репрезентација направи метеорски скок.

Во Данска има многу силни ракометни академии, меѓутоа, според ЕХФ, Алборг е совршен пример на таа традиција. Младите селекции им се феноменално организирани, а од нивните редови скоро секоја година излегува понекој врвен талент. Совршен пример за тоа се Сандер Сагосен и Мадс Ларсен.
На седмото место е женскиот хрватски првак Подравка, а своевремено и европски првак, во чии редови поминале сите хрватски репрезентативки. Шестото место е за шпанскиот првак Барселона. Мотото „Барса е повеќе од клуб“ важи и во програмата за развој на младите селекции. Барселона ги собира талентите низ Европа, но сепак во нивната академија најмногубројни се Каталонците. Легендарното крило Виктор Томас целата своја кариера ја помина во Блауграна, а дел од „домашното производство“ се и Алекс Гомез, Аитор Арињо и Гонзало Перез де Варгас.

Двојниот првак во ЛШ, словенечки Крим, е на 5-то место. Тој во своите редови ги собира сите словенечки таленти. Ана Грос, Тамара Мавсар, Тјаша Станко и многу други, се совршен пример, кои започнале во Крим и заминале Европа. Хрватска е великан на светскиот ракомет, а од редовите на Загреб, практично потекнуваат сите репрезентативци, а нивната листа е долга и квалитетна.
Наоми Хафра и Катрин Клујбер се совршен примери за тоа како Ференцварош развива таленти. Голем дел од играчите на ФТЦ доаѓаат од сопствената академија, додека, пак, други пристигнуваат во Будимпешта како млади, небрусени дијаманти. Иако Ѓер многу инвестира во својата младинска програма, ФТЦ е поголем магнет за младите унгарски играчи.

На второто место се најде црногорскиот првак Будуќност, кој ЛШ ја освоил со играчи од својата школа. Според ЕХФ, иако Црна Гора е мала држава со лимитиран број играчи, Будуќност успева да направи големи ѕвезди, како што се Милена Радичевиќ, Мајда Мехмедовиќ и Јованка Радичевиќ, кои со години се меѓу најдобрите во светот. Тука е и суперталентираната Ѓурѓина Јауковиќ, а во редовите на Будуќност пораснаа и Бојана Поповиќ, Маја Булатовиќ, Маја Савиќ.

Првата позиција на листата на ЕХФ ја има словенечкиот првак Целје, кој е симбол на врвен едукациски центар и расадник на ракометни репрезентативци во Словенија. Ако сите играчи што изминативе години заминаа од Целје останеа во нивните редови, сега Целје сигурно ќе беше еден од фаворитите за освојување на ЛШ. Сите клубови низ Европа ги фалат индивидуалните вештини на играчите што во нивните редови дошле од Целје. Гаспер Маргуч, Блаж Јанц, а сега и Домен Макуч, се само тројца меѓу многутемина што моментално се дел од врвните европски тимови.