До одигрувањето на фајналфорот на ЛШ во Келн, викендов, треба да бидат познати сите шампионски тимови за сезонава
РАКОМЕТ – ЗАВРШНИЦА НА ДОМАШНИТЕ ПРВЕНСТВА ВО ЕВРОПА
Ракометарите на Сегед се нови прваци во унгарското првенство, откако во два наврата славеа во финалето на плејофот со Веспрем. Во првиот меч во Сегед, Веспрем загуби со 31-28, а потоа беше поразен и на домашен терен со 36-37. За Сегед ова е четврта шампионска титула (18 пати вицешампион), кој првата шампионска титула ја освоил во 1996 година, втората во 2007, а третата во 2018 година.
Чеховски Медведи ја освои 20-та титула во низа во рускиот шампионат, откако во плејоф-двомечот за титулата забележа победи на дуелите со ЦСКА Москва со 32-21 и 29-24.
Со супериорна победа над Ним со 47-27 во последното коло од францускиот шампионат, ПСЖ ја освои седмата титула во низа, а вкупно осма. ПСЖ и вицепрвакот Монпелје во следната сезона ќе играат во Лигата на шампионите (ЛШ) како тимови од најдоброрангираната земја, која заедно со Германија има право на две екипи што директно ќе играат во групната фаза. Место во елитата прв обезбеди шпанскиот првак Барселона, кој сезонава ја освои рекордната 28. титула, 11-та во низа.
Горење ја прекина осумгодишната доминација на Целје и четврти пат стана првак на Словенија, а во изминатите неколку дена титули заверија и Мешков (Белорусија), Елверум (Норвешка), Савехов (Шведска), Порто (Португалија), Динамо (Романија), Татран (Словачка), Војводина (Србија), Мотор (Украина) итн. До одигрувањето на фајналфорот на ЛШ во Келн, викендов, треба да бидат познати сите шампионски тимови за сезонава.