ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (138)
Алушовски беше ракометар со најмногу трофеи во Македонија, вкупно 24, од кои 13 за победите во државните првенства и 11 во куп-натпреварите. Настапуваше за најдобрите македонски клубови, а имаше и 20-годишен репрезентативен стаж
Стевче Алушовски е еден од ретките ракометари во Македонија, кој не само што имаше долг стаж, клупски и репрезентативен, туку имаше и бурна кариера исполнета со многу случувања. Тој заигра уште во раните години, што би се рекло од детството, за потоа ракометот да стане не само негово секојдневие, туку и живот. Желбата да се опстои во спортот, кој во Македонија имаше земено голем замав, беше поголема од сѐ, па затоа тој и ден-денес е во саканиот спорт, но овој пат како кормилар на Еурофарм Работник од Битола.
Кога би се пишувала една книга за неговата биографија, таа би имала многу страници, исполнети со текстови за неговите настапи, а и фотографии од ефектните акции и постигнатите голови. Секако, импресионира и фактот дека тој со најразлични екипи освои 13 државни првенства и 11 купа, па може да се каже дека е и рекордер по освоените титули во нашата држава.
Алушовски е карактеристичен и по нешто друго: целата кариера, за разлика од многу други играчи, ја помина играјќи на позицијата лево крило. Дали се работеше за клубовите во кои настапуваше или, пак, за репрезентацијата левокрилната позиција беше неговото место од кое никако не се одделуваше. Тој има и објаснување зашто е тоа така.
– Многумина мислат дека крилната позиција е периферна и не толку значајна во целокупната композиција на тимот. Но не го делам нивното мислење, зашто ако се видат и статистичките податоци од натпреварите често тие ќе покажат дека токму крилата на многу мечеви ја одиграле решавачката улога за победата на екипата. Примери за тоа дека крилата постигнувале повеќе голови од надворешните напаѓачи и пивотмените има многу, и тоа не на оние вообичаени натпревари, туку и на најзначајните европски и светски приредби. Затоа тимот треба да се гледа како една целина, зашто секое место во него е еднакво значајно – вели Алушовски.
ПОЧЕТОЦИТЕ ВО ПЕЛИСТЕР
Нема сомнение дека ракометот во Битола уште од минатото кога тогашна Пелагонија во почетокот од 70-тите години од минатиот век заигра во Првата лига на поранешна Југославија, беше магнет за младите битолчани. Од тие моменти може да се каже дека ракометот по популарноста стана рамен на фудбалот, што, на пример, не беше случај во другите македонски градови. Во нив фудбалот уште имаше доминантно место, па ако сакате така е и во ова денешно време. Но да се вратиме на кариерата на Алушовски и да ја прочитаме неговата приказна за ракометните почетоци.
– Нормално, почетокот беше во училиштето. Во тој период сите сакавме да играме фудбал или ракомет, а јас, благодарејќи на големиот ентузијаст и тренер Стојан Дамјановски, се определив за ракометот. Тој веројатно препозна нешто во мене и почнав редовно да тренирам и да настапувам на училишните натпревари. Како што е практика насекаде, така и во Битола децата што од раното детство покажуваа талент и желба за некој спорт беа прибирани во клубовите. Така, и јас се најдов во Пелистер за кого ги бранев боите на младинската, за набргу потоа да бидам префрлен и во сениорската екипа. Уште оттогаш моето место беше на левото крило, позиција на која и ја завршив кариерата. Прв тренер кога заиграв за сениорите во 1989 година ми беше Богослав Периќ, познато име од југословенските ракометни простори – вели тој.
Во првите две сезони Алушовски повеќе ја грееше клупата одошто играше. Но тоа за него не беше разочарувачко. Напротив за перспективниот ракометар ова беше големо искуство.
– Самиот факт што си тука со првиот тим беше големо задоволство за секој млад играч. Тоа е и големо искуство, зашто си тука во фокусот на настаните и можеш одблизу да ја доживееш атмосферата, за подоцна кога ќе влеташ на теренот да си подготвен во секој момент да реагираш на адекватен начин. Затоа, не бев загрижен што немав некоја голема минутажа. Дури и долгите патувања низ поранешна Југославија, на кои на времето најчесто одевме со воз да одиграме прволигашки натпревар, не ми причинуваа тешкотија. Се случуваше да одиме до Љубљана, а јас да не влезам во игра. Знаев дека сум тука, со асовите и трпеливо ја чекав шансата со верба дека еден ден ќе бидам стандарден првотимец – вели Алушовски.
Своето прволигашко деби Алушовски го имаше против тогаш моќната и силна Црвенка, екипа што доаѓаше од истоимениот град во Војводина, наречен – град на шеќерот. Неговата појава на прволигашката сцена значеше блескав почеток на една долга и импресивна ракометна кариера.
СО КОТЕВСКИ – ПРВИ ПРОФЕСИОНАЛЦИ
Од 1989 година Алушовски е во првиот тим на Пелистер, со кој играше во Првата лига, за таму да го дочека и распадот на поранешната држава. Во тие моменти кога се растураше силната југословенска лига, тој веќе беше афирмиран ракометар. Можеби тоа беше причината со Котевски да станат првите професионални ракометари во самостојна Македонија.
– Во Пелистер останав до 2000 година, со еден двегодишен излет во Јафа од Ресен, која во средината од 90-тите години создаде една силна екипа, која стигна да се натпреварува и во европските купови. Но Јафа имаше краток век, па со уште неколкумина други играчи што ја засиливме, се вративме во матичните клубови. Јас, нормално, дојдов во Пелистер, кој, пак, тогаш постигнуваше врвни резултати, а малку недостигаше да се пласира и во финалето на европскиот Куп на националните куп-победници, по оној несреќен меч со германски Лемго, кога шансата беше испуштена буквално во последните секунди од реванш-мечот во Битола – рече Алушовски.
Во периодот додека беше во битолскиот тим, пред заминувањето во Јафа, а и откако се врати, за екипата настапуваа многу квалитетни играчи. Во составот на Пелистер во таа десетгодишна ера беа Маринковиќ, Јусуфовски, Зечевиќ, Стефановски, Шарац, Мирзамамедов, Котевски, Зарков, Николиќ, З. Димитровски, Марковски, Шандор Ходик… Меѓутоа, Пелистер, иако силен и моќен, немаше среќа да стигне до самата завршница во некој од европските купови.
– Таква шанса ни се укажа со данскиот Гудме, но по победата на гости, во реваншот во Кавадарци (теренот во Битола беше казнет од ЕХФ) бевме поразени и шансата пропадна – вели тој.
ЗАМИНУВАЊЕ ВО ВАРДАР
Во годините кога Алушовски настапуваше за Пелистер и за Јафа, екипата на Вардар стануваше многу силна и атрактивна. Таа најавуваше доминација на ракометната сцена, со желба да се врати на старите позиции како години порано, кога се натпреваруваше дури и во Првата југословенска лига.
– Токму од тие причини што Вардар беше организиран клуб и настојуваше на голема врата да влезе на европската сцена, многу не размислував кога дојде поканата од претседателот на клубот Михајловски, и од 2000 година станав член на клубот, со кој во наредните десет години доживеав многу пријатни мигови. Со Вардар четири пати ја освоивме титулата државен првак, а трипати триумфиравме во Купот. Тоа време и тие доживувања вечно ќе останат во моите сеќавања, тоа е нешто што не може да се заборави. Не можам да ги заборавам и длабоко се врежани во мојата меморија многуте драматичните средби, како на пример оние со германскиот Магдебург и со унгарскиот Фотекс, сегашен Веспрем. Тоа беа дуели за паметење, незаборавни – рече тој.
Во периодот кога амбициозно дојде во Вардар, сепак, Битола повторно го влечеше и Алушовски во 2005 година се врати во Пелистер. Во почетокот сѐ се одвивало добро, но подоцна искрснуваат голем број проблеми, кои оневозможија реализација на поставените цели, па, така, Стевче по една година повторно се враќа во Вардар, на чие кормило беше харизматичниот и легендарен Веселин Вујовиќ.
– Иако имав 37 години бев стандарден и на секоја средба го давав максимумот. Меѓутоа, почна да се зборува дека сум веќе стар, дека не можам да се носам со помладите и подлегнав на тие озборувања и решив да прекинам со активното играње. Но во тој период Металург создаваше квалитетна екипа за Европа, па веројатно сакајќи да се потпре на моето искуство тренерот Лино Червар ми понуди да дојдам во Металург. Ја прифатив понудата и се обидов повторно да заиграм како во младоста. Иако тоа, заради честите повреди тешко ми одеше, сепак, давав сѐ од себе и придонесував екипата да има успешен од, не само на домашната, туку и на европската сцена. Така, ја продолжив кариерата, во која најблескавите мигови ги имав на Европското првенство во 2012 година во Србија, кога бевме петти, а јас, иако тогаш имав 40 години, бев прогласен за играч на првото коло – вели Алушовски.
За репрезентативната кариера и за настапите на двете европски и двете светски првенства ќе читате идната недела.
Стевче Алушовски
Роден: во 1972 година во Сиднеј (Австралија)
Кариера: Пелистер, Јафа, Вардар, Металург, репрезентација на Македонија
Успеси: 13 титули државен првак, 11 победи во куп-натпреварите, учесник на по две европски и светски првенства, петти со македонската репрезентација на ЕП 2012 во Србија
Тренерска кариера: сопствена ракометна академија, сега тренер на Еурофарм Работник