Шпанија, со мали потешкотии, успеа да го совлада Исланд со 32:25 во второто коло на Групата Б на Светското првенство во ракомет. Со втората победа, актуелниот европски првак се изедначи на табелата со Хрватска и Македонија, со кои ќе се бори за прво место во групата и што повеќе бодови во пресрет на втората фаза од натпреварувањето.
Исланѓаните водеа на почетокот со 4:3 и тоа беше единственото нивно водство во овој натпревар. Потоа Шпанците преку Алекс Душебаев, Сармиенто и Кањелас се поигруваа со противникот и поведоа со 16:11, за да го завршат првото полувреме со +5(19:14).
На стартот на второто полувреме Исланд во игра го враќаше одличниот голман Густавсон, а одлично стрелаше и Палмарсон. Се доближија на -3(22:19 и 27:24) и прилично ги намачија Шпанците, кои сепак ја надминаа кризата од неколку минути без гол и со головите на расположените Сармиенто и Гомез славеа со конечни 32:25.
Претходно во истата група Хрватска славеше против Јапонија со 35:27, а Македонија беше подобра од Бахреин со 28:23.