РАКОМЕТ
Утре почнува СП за кадетки во Скопје
Во рамките на Светското првенство (СП) за ракометарки до 18 години што ќе се одржи во Скопје од утре до 10 август, вчера во Скопје се одржа средба меѓу раководството на Ракометната федерација на Македонија и претставници на Светската ракометна федерација (ИХФ). За време на СП ќе бидат присутни 96 номинирани лица од ИХФ, судии, делегати, супервизори и претставници од канцеларијата на ИХФ, кои ќе работат во рамките на Мундијалот во Скопје. На СП за кадетки ќе настапат 32 селекции. Македонија е во групата Б заедно со селекциите на Иран, Узбекистан и на Сенегал. По две репрезентации од сите осум групи одат во следната натпреварувачка фаза. Г.И.
ВАТЕРПОЛО
Италија на светското сребрододаде титула во Светската лига
Италијанската ватерполо-репрезентација триумфира во Светската лига, откако во францускиот град Стразбур, во финалниот дуел, ја победи селекцијата на САД, со 13-9 (1-2, 3-2, 6-1, 3-4). Успехот за Италијанците е дотолку поголем, што ова за нив е прва титула во ова квалитетно натпреварување, а САД четврти пат стигнаа до сребрениот медал.
Италија на неодамнешното Светско првенство во Унгарија го освои сребрениот медал по поразот во финалето од Шпанија, на пенали. За ватерполистите сега следува Европското првенство во Сплит (Хрватска) од 29 август.
Најефикасни кај Италија беа Џакомо Канела, Лука Дамонте и Едуардо Ди Сома, сите со по три гола. Во репрезентацијата на САД, пак, чиј селектор е Србинот Дејан Удовичиќ, најпрецизен беше Александар Бовен, кој трипати ја затресе противничката мрежа.
Третото место им припадна на Шпанците, кои ја совладаа Франција, со 11-8, Србија е петта откако со 8-6 ја победи Црна Гора, а во мечот за седмото место, Австралија ја совлада Канада со 13-9. Г.И.
ТУР ДЕ ФРАНС
Импресивна победа на Швајцарката Ројсер
Швајцарката Марлен Ројсер имаше импресивен настап со убедлив триумф во четвртата етапа од предвидените осум на велосипедската трка Тур де Франс за жени. Таа славеше со 84 секунди предност пред второпласираната Евита Мужик од Франција, а исто заостанување имаше и третопласираната Алена Амиалиусик од Белорусија. Холанѓанката Маријана Вос и по оваа етапа ја задржа жолтата маичка за водечката во генерален пласман, и покрај тоа што заврши на петтата позиција на ридската етапа долга 127 км. Вчера се возеше петтата етапа, во должина од 176 км. Последната, осма етапа е на програмата в недела и е во должина од 123,5 км, по што по вкупно поминати 1.036,6 км ќе биде прогласена годинешната победничка. Во генералниот пласман на Тур де Франс, Вос води со по 16 секунди предност пред Италијанката Силвија Персико и Полјачката Катарина Ниевиадома. Г.И.