Фото: Маја Јаневска-Илиева

Фиверс е добра и квалитетна екипа и ќе мора максимално концентрирано и борбено да влеземе во овој меч за да ја оствариме нашата цел – победа. Верувам дека секој од нас ќе го даде максимумот во секој сегмент од играта за да стигнеме до првата победа и првите европски бодови, изјави левиот бек на Металург, Рниќ, пред мечот вечерва со австрискиот тим во Скопје

РАКОМЕТ – МЕТАЛУРГ ГО ПРЕЧЕКУВА ФИВЕРС ВО ЛИГАТА НА ЕВРОПА

По долгата карантинска пауза без тренинзи и континуирана работа, ни претстои исклучително тежок и важен натпревар, кој верувам дека ќе заврши во наша корист, изјави левиот бек на Металург, Момир Рниќ, пред мечот денеска од 18.45 часот (пренос на МТВ), во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, во Лигата на Европа, со австрискиот Фиверс.
Избраниците на тренерот Оливер Димитриоски во денешниот дуел ќе се обидат да стигнат до првата победа и првите бодови на европската ракометна сцена сезонава.
– Фиверс е добра и квалитетна екипа и ќе мора максимално концентрирано и борбено да влеземе во овој меч за да ја оствариме нашата цел – победа.

Направивме добра анализа на нивната игра, добро се подготвивме за овој дуел и верувам дека секој од нас ќе го даде максимумот во секој сегмент од играта за да стигнеме до првата победа и првите европски бодови – вели Рниќ.
Сезонава Австријците одиграа пет меча, во кои забележаа три пораза, од Висла (32-23), Чеховски медведи (32-30) и од Адемар (30-28), победа над Тулуз (37-32) и реми дома со Адемар (33-33), и со три бода ја имаат четвртата позиција на табелата во групата А, во која лидер е полската Висла, со четири победи во четири меча.