Магдинчев ја почна кариерата во РК Југ, за да продолжи во други клубови, а тренерскиот занает го почна во Швајцарија. Нашиот ракометен стратег беше на кормилото на повеќе клубови од поранешните југословенски простори, а две години беше селектор на Катар. Магдинчев е тренер, кој има голема заслуга за она што е денеска Пари Сен Жермен

Последниве години кога нашите ракометни клубови со успех се натпреваруваат во европските купови, а Вардар двапати ја освојуваше европската круна, не може, а да не се потсетиме на личностите што многу години претходно нѐ афирмираа во светот на ракометот. Еден од тие, за кого можеби малкумина знаат дека беше еден од творците на шампионскиот тим на ПСЖ, е Ристо Магдинчев. Поранешниот ракометар, кој првите чекори ги направи во легендарниот РК Југ од скопската населба Мичурин, четири години, во втората половина од последната декада на минатиот век, беше тренер на најпопуларниот париски, да кажеме и француски клуб Пари Сен Жермен. Но на неговото доаѓање таму, претходеше една интересна кариера.

– Кога почнав да играм ракомет потајно посакував да бидам тренер. Но тогаш единствено што посакував беше да бидам стандарден онаму каде што настапував и евентуално, што всушност е желба на секој спортист кога ја почнува својата кариера, да стигнам до репрезентативниот дрес. Ракометот во тие години на подем беше многу популарен, а во Скопје имаше неколку клуба што се издигнуваа со својот квалитет. Еден од тие беше и РК Југ, кој беше формиран од група ентузијасти во скопската населба Мичурин. Но иако маалски клуб, Југ беше многу интересен и препознатлив. Имаше некој посебен шмек, кој го одделуваше од другите, па затоа не беше ни чудно што неговите натпревари беа следени од 3.000 гледачи, што би се рекло од цел Мичурин. Кога Југ ги играше своите мечеви, без оглед за каков противник се работеше, беше вистински празник за жителите на Мичурин – ја почнува приказната Ристо Магдинчев.

СЛЕДНИ ДЕСТИНАЦИИ РАБОТНИЧКИ И ВАРДАР

Секој спортист тежнее да настапува во поквалитетен клуб, зашто ако таму се вклопи и одигра добро, му се отвораат нови перспективи. Така беше и со Магдинчев.
– Без некое потценување кон Југ, јас сметав дека за напредокот во мојата кариера ќе треба да одам во некој поквалитетен клуб. Така, го избрав Работнички, кој во тие години, а многу години и порано, беше најквалитетен клуб во Македонија. Она што го добив како искуство во Југ, играјќи со навистина големи ракометни имиња во тоа време, како Казиовски, Божаров, Билимов, Гелебешев, Петров, Николовски, многу ми користеше во натамошниот тек од мојата кариера. Во Работнички, пак, наидов на една репрезентативна средина во која најекспониран беше Теофил Томановиќ, кој настапуваше и за репрезентацијата на Југославија. Тука беа уште Н. Матовски, Брезовски, Штериев, Мајснер, Пеов, а доаѓаше и една млада генерација, така што се создаде еден тим, кој набргу од македонската се пресели во Втората југословенска лига. Паралелно со Работнички, фактор во скопскиот, па и македонскиот ракомет беше и Вардар, кој во тие средни 1970-ти години беше поорганизиран и попривлечен за младите ракометари. Така, откако добив покана и јас станав член на познатиот клуб на чие чело беа неуморните спортски работници Смугревски и И. Сипковски, а тимот беше составен од играчи, кои подоцна, меѓу кои бев и јас, станаа младински репрезентативци на Југославија. Би ги споменал Гоце Сипковски, Ванчо Јовановски, кој стана стандарден сениорски репрезентативец и долги години го бранеше голот на „сините“, потоа Кире Ивановски, Здравковски, Савевски, Божиновски, Русмир, Лозановски. Тимот беше толку квалитетен, што во 1976 година, под палката на еден од најдобрите македонски тренери Славе Атанасовски-Чаве, две години се натпреваруваше во Првата југословенска лига, која во тоа време беше најсилна во Европа, а репрезентацијата беше и олимписки шампион од Минхен – вели тој.
Од периодот во Вардар, Магдинчев се сеќава на средбата со загрепски Медвешчак.
– При наше водство со 20-16 заврна и салата почна да прокиснува. Теренот стана лизгав, а тоа како повеќе да им одговараше на гостите, кои на лизгавиот паркет подобро се снајдоа и израмнија – 20-20, што беше и конечен резултат – рече Магдинчев.

ВО ШВАЈЦАРИЈА ПРЕСВРТ ВО КАРИЕРАТА

Ристо Магдинчев уште во годините кога беше активен, пројавуваше интересирање и за тренерскиот занает. Тој го користеше секој момент да присуствува на приредбите како што беше „Трофејот на Југославија“ и црпеше знаења од најголемите стручњаци.
– Во Македонија користев многу методи од тренинзите на еден до првите мои тренери Филиповски, потоа Кратовалиев, Славе Атанасовски-Чаве, кој беше голем тактичар и Панче Николов, кој беше творец на квалитетниот ракомет во Велес. Покрај нив имав можност да комуницирам и со најголемите светски тренери во тој период – Сној, Штенцел и Русинот Јевтушенко. Со нив имав средби на семинарите, кои беа организирани најчесто за време на одржувањето на „Трофејот на Југославија“, чиј организатор една година беше и Битола. Можеби ќе се изненадите, но кога ја почнував мојата тренерска кариера многу научив и од Лазар Лечиќ. Тој беше тренер на кошаркарите и така гледајќи ме од прозорец од салата на КК Работнички, како ги изведувам тренинзите, еден ден ме викна кај него малку да поразговараме. Тогаш ми рече дека ме следи од прозорец, ме пофали дека работам амбициозно и ми даде негова програма за тренинг за периодот на базичните подготовки. Тој материјал многу ми користеше за натамошната моја кариера. Ако некој ме прашаше од каде една ваква програма, јас гордо ќе речев – од легендарниот кошаркарски тренер Лазар Лечиќ. Ако некој сакаше и да додаде нешто или имаше забелешка на мојата работа, кога ќе го слушнеше името на Лечиќ замолчуваше – вели тој.
Што се однесува до тренерската кариера, вистински пресврт дојде за време престојот во Швајцарија. Таму замина по покана од поранешниот југословенски репрезентативец Сеад Хасанефендиќ, кој беше тренер во РК Висп.

– Во клубот што се наоѓаше на околу 120 километри од Лозана заминав како играч. Потоа по три сезони играње, откако замина Хасанефендиќ, раководството на Висп ме назначи за тренер, иако истовремено и играв. Тренерскиот почеток ми беше успешен, создадов екипа што од работ на испаѓање ја доведов до второто место во Првата лига на Швајцарија. Но моја желба беше да работам како тренер во некоја посилна лига, па, така, повторно по предлог од Хасанефендиќ, со кого станавме одлични пријатели и се почитуваме меѓу себе, бев назначен за тренер на сараевски Железничар – вели Магдинчев.
Инаку, треба да се спомене дека во Сараево уште години нанапред имаше два клуба – Босна и Млада Босна, кои се натпреваруваа во елитното југословенско друштво. Токму од таа средина поникна и Хасанефендиќ, кој настапуваше за Југославија и доби голем авторитет во ракометниот свет.
Од моментите кога дојде во Сараево, практично почнува онаа вистинска тренерска кариера на Ристо Магдинчев. Тој во тој период станува интересен и за другите југословенски клубови, па така почна и неговото патешествие низ југословенските простори.

ТРЕНЕР И ВО ШАМПИОНСКАТА МЕТАЛОПЛАСТИКА

– Во Железничар немав време ниту да почнам со сериозна работа, кога пристигнаа понуди од четири клуба да застанам на нивното кормило. Сите беа прволигаши – Југовиќ од Кач, Загреб, Црвенка и Металопластика. Мојот избор падна, на задоволство на шапчаните, на Металопластика. Во познатиот ракометен град дојдов со големи амбиции, иако на почетокот наидов на проблем зашто најдобриот играч Веселин Вујовиќ ги повреди лигаментите и не можев да сметам на него. За да не губи време, тој замина на отслужување на воениот рок во ЈНА, а останав да работам со другите играчи, кои беа, морам да кажам, вонсериски ракометари. Тогаш во тимот беа Башиќ, Исаковиќ, Портнер, Кузмановски, Милошевиќ, кои беа стандардни југословенски репрезентативци. Да се работи со нив беше задоволство. Стигнавме до четврт-финалето на Купот на европските шампиони, што беше успех, а водевме и во шампионатот на Југославија, кога поради некои проблеми во клубот решив да си заминам. Инаку, шампионската Металопластика, која се искачи и на европскиот врв, ја доведов и на Струшкиот турнир. Таа беше магнет за гледачите каде и да се појавеше. Но, за жал, не останав подолго во клубот, од кој заминав со убави спомени и со желба еден ден повторно да се вратам во Металопластика, но патиштата ме одведоа на друга страна – вели тој.
За тоа каде продолжи тренерската кариера на Ристо Магдинчев, кој стана и селектор на македонската женска репрезентација, ќе читате во наредниот број.


Лична карта

Роден: 1949 година во Скопје
Кариера: РК Југ, Работнички, Вардар, Висп (Швајцарија)
Тренерска кариера: Висп, Железничар Сараево, Металопластика Шабац, Пелистер, Ловќен Цетиње, Борац Урошевац, Жито Вардар жени и селектор на женската репрезентација на Македонија. Меѓународна кариера: Катар, Ал Кадисија, Саудиска Арабија, Венисие и Пари Сен Жермен Франција
Успеси: Четврто место со Катар на младинскиот шампионат на Азија, прво место со ПСЖ (по административен пат му беше одземена титулата на Марсеј) и пласман во КЕШ, четврто и двапати осмо место во Првата француска лига