РАКОМЕТ

Во пресрет на почетокот на подготовките за квалификациските дуели со селекциите на Финска и на Швајцарија за пласман на Европското првенство во 2022 година, селекторот на машката ракометна репрезентација Данило Брестовац остана без помошта од тренерите во својот стручен тим поради позитивни тестови на коронавирус. Македонските репрезентативци од вчера се во изолациски „балон“ во хотелот „Александар палас“ до добивање негативни резултати на коронавирусот, а за денеска од 17 часот е закажан и првиот тренинг.
– Спремни бевме дека може да се појават позитивни случаи на корона, но во никој случај не размислуваме за одложување на натпреварите со Финска и со Швајцарија. Ќе комбинираме, ќе ротираме и ќе составиме тим со кој ќе одговориме на предизвиците – вели Брестовац.

Замена за првиот асистент Никола Матлиевски и за тренерот на голманите Александар Царчев ќе бидат тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ, и тренерот на голманите на Еурофарм Пелистер, Ице Соколески. Од интернационалците се пристигнати централниот бек Филип Кузмановски, пикерот Жарко Пешевски, голманот Мартин Томовски и левото крило Дејан Манасков, а синоќа на репрезентацијата требаше да ѝ се приклучат капитенот Кирил Лазаров, потоа Никола Митревски, Мартин Поповски и Дарко Георгиевски.
Првиот квалификациски натпревар македонските репрезентативци треба да го играат на домашен терен, в среда, против Финска, а на 7 ноември е дуелот на гости кај Швајцарија. Дел од квалификациската група 7 е и селекцијата на Данска. Пласман на Европското првенство во 2022 година, кое треба да се игра во Унгарија и во Словачка, обезбедуваат двете најдобропласирани селекции од секоја група и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации во групите.