Дерби натпреварот од Супер-лигата во ракомет, меѓу Металург и Еурофарм Работник го привлекува вниманието на спортската јавност бидејќи многумина го гледаат овој дуел како решавачки околу тоа која од двете екипи ќе обезбеди подобар пласман на табелата, а со тоа и излез во Европа за наредната година, поточно, кој во која конкуренција ќе се натпреварува. Но, покрај спортските муабети во ракометните кулоари, се погласно се слушаат навестувања дека ракометарите можат да бидат изненадени од евентуална допинг-контрола, што самото по себе им носи многу непријатности на ракометарите, бидејќи никогаш не е пријатно да се биде дел од една таква постапка, дури и кога би било се во ред.
За да ги разјасниме сите нејаснотии околу целиот овој процес на анти-допинг контрола, разговаравме со една од најкомпетентите личности кај нас во оваа област, д-р Зоран Ханџиски, член на Националната антидопинг комисија и допинг контрол офицер.
– Досега кај сите водечки ракометни екипи сме правеле анти допинг тестови. Имало и многу едукација по клубовите, како кај лекарските екипи така и меѓу играчите и верувам дека сите добро знаат што прават – објаснува многу прецизно Ханџиски.
Но, интересен е моментот кој д-р Ханџиски дополнително го акцентира. Во истиот контекст, тој додава дека генерално постојат два типа контрола. Првиот, е надвор од натпревари, кога се контролираат играчи за време на тренажен пртоцес, а тука се опфатени екипи од највисок ранг на меѓународни натпревари. Втората и многу почеста варијанта е кога се контролираат играчи за време на натпревари, при што екипите се информираат најчесто дури на полувреме од натпреварот кога се одредува и процедурата. Имено, доколку комисијата оцени дека некој играч со своето однесување на теренот, особено со добивање црвен картон, со агресивно однесување и слично треба да биде контролиран, тогаш тој се повикува по натпреварот за проверка. Другата варијанта , главно присутна кај нас е извлекување броеви, кога претставниците на клубовите самите извлекуваат од „шешир“ по двајца играчи од двете екипи и нивни примероци се земаат за контрола.
– Засега во Македонија, особено кај ракометарите се зема примерок од урина, при што на играчите им се дава да пијат многу вода и потоа примероците се испраќаат во лабораторијата во Виена каде што се врши анализа. Тука безбедноста на податоците е максимално зачувана, бидејќи кон Виена се испраќа само шифра, код, при што никој не знае за кого се однесува. Ако е резултатот негативен, тогаш нема никаква повратна информација, но ако е позитивен, тогаш се информира и клубот и федерацијата по што се преземаат соодветни мерки.
Доктор Ханџиски како вистински професионалец, воопшто не сакаше да ги коментира шпекулациите во врска со најавените допинг контроли на ракометниот дерби натпревар, објаснувајќи дека контролите никогаш не се најавуваат, бидејќи тоа е автономно право на антидопинг комисијата. Впрочем и нивната досегашна работа на овој план е високо вреднувана и не остава место за сомеж и било какви шпекулации.