Извршниот комитет на Европската ракометна федерација (ЕХФ) на состанокот одржан во Копенхаген (Данска) го потврди проширувањето на Европското првенство (ЕП) за жени од 16 на 24 селекции, почнувајќи од првенството во 2024 година.
Според одлуката на Извршниот комитет на ЕХФ, од јануари 2019 година била формирана работна група за проширувањето на првенството, составена од претставници на ЕХФ и нејзините релевантни тела, медиуми и маркетинг-партнери на федерацијата, кои ги разгледале сите аспекти и го одобриле проширувањето на натпреварувачкиот формат.
Со ова проширување се зголемуваат шансите за учество и на македонската ракометна репрезентација на ЕП, која својот последен настап обезбеден преку квалификациите го имаше за ЕП 2012 во Србија. Македонија заедно со Словенија и со Црна Гора ќе биде домаќин на ЕП 2022 година.