Фото: Маја Јаневска-Илиева

Групата во која е Македонија на ЕП е тешка. Фаворити се Данска и Словенија, но сметам дека и нашиот играчки состав, во кој се и искусните Лазаров, Миркуловски, Стоилов, може да се носи со сите во групата, иако сме хендикепирани со неиграњето на повредениот Манасков, вели повратникот во репрезентацијата Ојлески

РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН СОБИР ВО СКОПЈЕ

Со денешниот пладневен собир на македонската машка ракометна репрезентација во Скопје и официјално почнува операцијата „Европско првенство 2022“, кое од 13 до 30 јануари треба да се одржи во Унгарија и во Словачка. По собирот, репрезентацијата ќе замине за Маврово, каде што ќе биде одработен првиот дел од подготовките. Македонија седми пат ќе игра на континенталното првенство (има и седум настапи на светските шампионати), а најдобар пласман е петтото место на ЕП 2012.
Селекторот и капитен на репрезентацијата, Кирил Лазаров, веќе го соопшти списокот со 24 ракометари за претстојните подготовки. Пред ЕП 2022, Македонија ќе одигра по две пријателски средби, со Кувајт во Маврово (на 27 и на 29 декември), а со Израел во Скопје (на 3 и на 4 јануари 2022).
– На подготовките во Маврово ќе се работи на физички план, а пријателските дуели со Кувајт и со Израел, секако, ќе ни бидат добредојдени да се провери моментната форма на играчите и да се уиграат одредени замислени тактички варијанти, пред заминувањето за Унгарија – вели искусното лево крило Гоце Ојлески.
На ЕП 2022 македонската репрезентација е во групата А. Црвено-жолтите прво ќе играат со Словенија на 13 јануари, два дена подоцна со Црна Гора, а на 17 јануари со светскиот првак Данска. Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза.
– Групата во која е Македонија на ЕП е тешка. Како фаворити се издвојуваат Данска и Словенија, но сметам дека и нашиот играчки состав, во кој се и искусните Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов, може да се носи со сите во групата, иако сме хендикепирани со неиграњето на повредениот Дејан Манасков – вели Ојлески.


Најмалку тест- меча ќе одигра Данска, а најмногу Црна Гора

И ривалите на ракометната репрезентација на Македонија на Европското првенство (ЕП) ќе имаат тест-средби во подготвителниот период. Така, Црна Гора ќе игра со Кувајт и со Косово, а потоа ќе оди на турнир во Швајцарија, каде што ќе се сретне со домаќинот, потоа со Украина и со Португалија. Словенија закажа пријателски дуел со Хрватска и два меча со Италија. Данска до ЕП ќе одигра два контролни натпревари во Златната лига, со Норвешка дома и со Египет во Париз.