Ракометарите на Металург на гостувањето кај словачкиот првак Татран Прешов во 16-то коло од Регионалната лига (РЛ) го забележаа третиот двоцифрен пораз сезонава, овој пат со 30-20. Избраниците на тренерот Данило Брестовац само во почетните дваесетина минути беа рамноправни на теренот (8-7), а потоа почнаа серии технички грешки и промашувања, кои искусните ракометари на Татран ги материјализираа во своја корист и на паузата помеѓу полувремињата заминаа со предност од пет гола (16-11).
– Неприфатливо е тим што игра во Лигата на шампионите и во Регионалната лига да игра вака. Факт е дека сме млад тим, но овие момци треба да докажат дека заслужуваат да играат во вакви квалитетни натпреварувања. Не сум задоволен ниту од играта во нападот ниту од играта во одбраната – рече Брестовац.
Крилата Анте Токиќ и Димитар Димитриоски со по четири гола беа најефикасни во редовите на Металург. Голманот Мартин Томовски имаше седум интервенции во првото полувреме.
За Металург ова беше последен гостински меч сезонава во Регионалната лига, а во вторник (20.15 ч.) во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, металурзите треба да го одиграат последниот натпревар сезонава во тоа натпреварување, во кој противник ќе им биде српскиот првак Војводина.