После две сезони во Ц и Д групите, следната сезона Монпелје би требало да добие место во А или Б

Од 18-те шампиони, кои сезонава играа во ЛШ, титулата ја одбранија 14, но горе-долу истите екипи од сезонава се очекува да конкурираат за настап во новата. Во домашните првенства нови шампиони имаат, на пример, Унгарија, Германија и Данска, пад од втората на третата позиција забележаа Нант и Горење, а најголема разлика во однос на лани има кај Кил (сега е петти)

Пред одигрувањето на бараж-натпреварите за пласман на Светското првенство (СП) во 2019 година, заврши ракометната натпреварувачка сезона во националните првенства во Европа, која беше исполнета со возбудливи и неизвесни дуели, во имаше и неочекувани пресврти.
Од 18-те шампионски екипи што годинава беа дел од ЛШ, титулата ја одбранија 14, а ланските вицепрваци Сегед, Фленсбург и Скјерн ги освоија титулите во Унгарија, Германија, односно во Данска. Висла, Металург, Монпелје и Адемар Леон го зачуваа вицешампионскиот статус, а пад од втората на третата позиција во националните шампионати забележаа Нант и Горење. Најголем пад сезонава забележа германскиот гигант Кил, кој сезонава ја заврши на петтата позиција на табелата во домашниот шампионат, две места послабо од лани.
Сево ова на Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе ѝ даде полни раце работа, за да направи процени и да ги состави групите за наредната натпреварувачка сезона во Лигата на шампионите.

Според регулативите на ЕХФ, единствени држави на кои им следуваат две директни места во ЛШ (за шампионот и за вицешампионот) за следната сезона се Германија и Шпанија. На другите земји им следува по едно место. Со оглед на тоа што често овие бројки се менуваат, може да се очекува дека и во наредната сезона покрај Германија и Шпанија и други држави (во зависност од рејтингот, играта и од исполнетите критериуми) да добијат по две места, а некои и по три. Во минатата сезона со по три тима во ЛШ беа застапени Франција (сите три играа на фајналфорот во Келн) и Германија (елиминирани во осминафинале и во четврт-финале), а по две места имаа Унгарија, Полска, Македонија, Шпанија, Данска и Словенија.

Тргнувајќи од распределбите на местата и позиционирањето по групи во минатите три сезони, наредната година место во групите А и Б би требало да има за европскиот шампион Монпелје, кој минатите две сезони играше во групите Ц и Д, а трансфер од А и Б во Ц и Д би можел им се случи на неколку тимови. Место во првите две групи би можел да добие и данскиот првак Скјерн, кој сезонава пријатно изненади со пласманот во четврт-финалето на ЛШ и елиминацијата на Веспрем.
Според најавите од ЕХФ, сезоната 2018/2019 ќе биде последна во која ќе се игра по овој формат, така што од сезоната 2019/2020 во ЛШ ќе играат 12 силни шампионски екипи, а другите шампиони и вицешампиони (24 екипи) ќе играат во Лига Европа.


Шампионската серија на Загреб сега изнесува 27 титули

Меѓу европските тимови, учесници во Лигата на шампиони (ЛШ) што ја одбранија шампионската титула во националните првенства, најдолгата низа на шампионскиот престол ја има хрватскиот првак Загреб, кој сезонава ја свои 27-та титула во низа. Втор на листата доминантни шампиони е рускиот првак Чеховски Медведи, кој стигна до својот 16-ти пехар за првак на Русија. Шпанскиот гигант Барселона и словачкиот првак Татран направија низа од по осум титули, а по една титула помалку едноподруго имаат норвешкиот првак Елверум и полскиот шампион Киелце.
Од звучните имиња на ракометни екипи што не успеаја да ги одбранат шампионските титули во домашните првенства се ланските прваци на Германија (Левен), Унгарија (Веспрем), Швајцарија (Кадетен), Австрија (Алфа Хард), Данска (Алборг), Чешка (Дукла) и на Црна Гора (Партизан Тиват). Нивното место на врвот на натпреварувачките табели го зазедоа Фленсбург во Германија, Сегед во Унгарија, Тур во Швајцарија, Фиверс во Австрија, Скјерн во Данска, Карвина во Чешка и Ловќен во Црна Гора. Та.Д.