Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската женска ракометна репрезентација ги започна подготовките за учество на пријателскиот турнир во Анталија (Турција), а во рамките на неделата на ЕХФ, односно периодот за подготовка на репрезентациите, кои ќе бидат дел од претстојното Светско првенство (СП), кое од 20 ноември до 15 декември ќе се игра во Јапонија.
Избраничките на селекторот Симе Симовски не успеаја да обезбедат пласман на претстојното СП, така што овој пријателски турнир ќе се искористи за подигање на формата, вклучување и тестирање нови млади имиња во националниот тим и согледување на нивните можности.

Македонската репрезентација утре патува за Анталија, каде што во следните четири дена (22-25 ноември) за противници ќе ги имаат Италија, Косово, како и А и Б-селекциите на Турција.

– На турнирот во Турција одиме со релативно изменет и подмладен состав. Имаме нова стратегија за подмладување на репрезентацијата со која полека им се дава шанса на оние девојки што го поминале селектирањето од пионерки, кадетки, младинки, прво во своите клубови, па и во репрезентацијата. За овој турнир вклучивме седум-осум млади ракометарки, кои ќе добијат шанса да го дадат својот максимум и да видиме до каде се стигнати со својата игра – вели селекторот Симовски.

Нови имиња, кои Симовски ќе ги тестира на овој турнир, се левото крило Марија Тасевска (Металург), голманката Амра Илјаз (Металург), бековите Бранкица Марковиќ (Куманово), Милица Николиќ (Вардар), Ангела Седлоска (Вардар), како и Јована Кипријановска (Куманово) и Јана Калајџиевска (Металург), кои беа на списокот на селекторот за квалификациските мечеви за пласман на ЕП со Шведска и со Чешка, но не добија минутажа.

За македонските репрезентативки овој турнир е прва фаза од подготовките за Европското првенство (ЕП) 2022 година на кое Македонија е еден од домаќините, заедно со Словенија и со Црна Гора. 


Распоред на натпревари
Македонија – Италија петок, 17 ч.
Турција (Б) – Македонија сабота, 11.30 ч.
Турција (А) – Македонија недела, 17 ч.
Македонија – Косово понеделник, 17 ч.