Во досегашните натпревари на Мундијалот видовме значително побрза игра, а и построга арбитража (8,5 исклучувања по меч, 1,3 повеќе од целото СП 2017), играта „седум на шест“ е сѐ пораширена… Македонија игра брзо (води според упатени удари кон голот), а и како што вети селекторот – тимски (црвено-жолтите се први според асистенциите)
Во две кола на 26-то Светско првенство (СП) во ракомет што се игра во Германија и во Данска најголемо изненадување беа игрите што ги прикажаа неевропските ракометни селекции во дуелите со европските. Прв на таа листа е Бразил, кој вистински го намачи актуелниот светски првак Франција (22-24). Изненадувачки е и нерешениот исход на дуелот Аргентина – Унгарија (25-25) во кој Унгарците се спасија во последен момент со голот на Мате Лекаи.
Солиден беше и отпорот на Египет во дуелот со Шведска (27-24), бидејќи Египќаните на две минути до крајот имаа реми 24-24. Во оваа низа вреди да се спомене и победата на селекцијата на Ангола во дуелот со Катар (24-23). Ангола во текот на целиот меч ја имаше контролата врз резултатот, Катар во три наврати изедначи, но победата заслужено ѝ припадна на Ангола. Најуспешен со европска селекција беше Чиле, со победата над Австрија со осум разлика.
Во четирите дена на Мундијалот одиграни беа 24 натпревари од кои 21 завршија со победа на фаворитите, а два меча завршија без победник. Десет од нив завршија со предност од 10 и повеќе гола, осум со повеќе од пет, а само за четири меча може да се рече дека биле неизвесни бидејќи завршиле со победа помала од четири гола разлика.
Радува податокот што избраниците на македонскиот селектор Раул Гонзалес играат според најавите што ги имаа пред почетокот на Мундијалот, а тоа се тимска игра, концентриран и ефикасен напад и цврста одбрана. По двете кола Македонија ја има најтимската игра со дури 45 асистенции, шест помалку има Норвешка, а трета е Данска со 37 додавања по кои бил постигнат гол.
Македонија заедно со Шпанија и со Германија е селекција со најмалку технички грешки по двата меча (Македонија 13, Германија 12, Шпанија 10 загубени топки). Селекциите на Ангола и на Чиле предничат според бројот на загубени топки, со по 31, а од европските селекции најмногу загубени топки има Србија, 29. Според ефикасноста на нападот најдобар процент има Данска со 78-отстотна реализација, следуваат Норвешка со 76 и Хрватска со 75 проценти.
Во досегашните натпревари на Мундијалот видовме значително побрза игра, но и значително построга арбитража, во споредба со претходните натпреварувања, бидејќи во 24 одиграни меча беа досудени дури 205 исклучувања, што е 8,5 по натпревар што, пак, е за 1,3 повеќе од целото СП 2017, а беа доделени и 85 жолти и пет црвени картони.
Играта „седум на шест“ беше дел од тактичките решенија на речиси сите европски селекции како и на други репрезентации, кои се под водство на европски стратези. За тоа дека и Македонија спаѓа во селекциите што го забрзаа темпото на игра зборува фактот што по двата воведни меча македонските ракометари се на прво место според бројот на упатени шутеви кон противничкиот гол (105) односно организирани акции, втора е Германија со 104, а трета Јапонија со 102.
По двете кола, капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров беше најкорисен (МВП) играч со 27 поени, од 16-те гола и 11-те асистенции, а, исто така, е и втор стрелец со еден гол помалку од германското крило Уве Генсхајмер, кој има 17 реализации во двата меча.
Норвешка го има најдобриот крадец на топки, Германија најдобриот блокер, а Унгарија и Македонија ги имаат најдобрите голмани. Норвешкото лево крило Магнус Гулеруд во двата меча украде пет топки, исто колку што има блокирано германскиот пикер Патрик Винчек, Роланд Миклер на голот на Унгарија и Борко Ристовски на македонскиот имаа вкупно по 25 одбрани во двата натпревари. Зад нив е голманот на Бахреин Мохамед Хусеин со 24, а по 23 одбрани имаа Никлас Ландин од Данска, Винсент Жерар од Франција и Џовани Мусчисенге од Ангола.