Резултатот и пласманот на турнирот во Струга ќе ни бидат во втор план за сметка на уигрување на екипата и на поставување на играта. Секој од играчите ќе добие шанса да игра и да се наметне со својот квалитет за во иднина, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ

РАКОМЕТ

Ракометарите на Металург ја завршија третата 10-дневна фаза од подготовките во Маврово и од синоќа се во Струга каде што ќе бидат дел од 48-то издание на традиционалниот ракометниот турнир „Струга 2020“, кој традиционално се игра на отвореното ракометно игралиште „Женска плажа“.
Тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, е задоволен од досега сработеното во подготовките, така што мечевите на турнирот во следните четири дена ќе бидат всушност првата контрола за формата, уиграноста и можностите на екипата во пресрет на квалификацискиот двомеч од првото коло од Лигата на Европа со хрватскиот претставник Спачва од Винковци.
– Презадоволен сум од сработеното на тренинзите во Маврово. Момците максимално професионално ги одработуваа и се вложуваа во сите зададени задачи.

Значително ја подигнавме физичката подготвеност на тимот, работевме на уигрувањето на техничко-тактички одбранбени и напаѓачки формации, така што на дуелите во Струга, на дело ќе треба да го видиме сработеното, дали и во кој сегмент од играта нешто недостига и каде треба да се коригира до првите официјални мечеви од Лигата на Европа со Спачва – ни изјави тренерот на Металург, Кастратовиќ.
За него резултатот и пласманот во Струга ќе бидат во втор план.
– Резултатот и пласманот на турнирот во Струга ќе ни бидат во втор план за сметка на уигрување на екипата и на поставување на играта. Секој од играчите ќе добие шанса да игра и да се наметне со својот квалитет за во иднина – додава Кастратовиќ.
Прв противник на Металург на турнирот во Струга ќе му биде амбициозниот битолски ривал Еурофарм Пелистер (денеска 21.15 ч. пренос на МТВ 3), а потоа следуваат мечевите со Прилеп (в четврток 19.15 ч.) и со Струга (в петок 17.15 ч.). Зависно од пласманот во групната фаза, в недела ќе се играат вкрстени мечеви за пласман. Првопласираните во А и Б-групите ќе играат во финалето, второпласираните ќе играат за трето место, а преостанатите за петто и седмо место.

Во досегашната историја на турнирот, Вардар 13 пати го освоил првото место, Пелистер 11 пати, четири пати најдобар бил босанскиот првак Борац од Бања Лука, додека, пак, Металург, Металопластика од Шабац и Тутунски комбинат од Прилеп имаат по три победнички трофеи од Струга. По двапати славеле Железничар од Ниш и Шарт од Франција, а по еднаш трофејот го подигнале домаќинот Струга, Тиквеш од Кавадарци, Приштина од Косово, Сесон од Франција, Целје од Словенија и ланскиот победник АЕК од Грција. 


Oвогодинешниот турнир без меѓународен карактер

Со денешните мечеви меѓу Струга – Прилеп (17.15 ч.), Охрид – Бутел (19.10 ч.) и Металург – Еурофарм Пелистер (21.15 ч.), ќе започне 48-то издание на турнирот „Струга 2020“. Поради пандемијата на коронавирусот, годинашното издание на турнирот нема да има меѓународен карактер како претходно, така што дел од него ќе бидат само осумте македонски суперлигаши, Металург, Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид, Бутел, Прилеп, Еурофарм Пелистер 2 и Струга и истиот тој ќе се одигрува според протоколите за натпреварување што ги донесе Ракометната федерација на Македонија (РФМ).

Сите ракометари, службени лица и членови на тимовите што ќе бидат на теренот ќе мора да покажат негативен корона-тест за да можат да настапат. Игралиштето ќе се дезинфицира меѓу секој меч, соблекувалните нема да се користат, така што играчите на терен ќе доаѓаат за натпревар и веднаш потоа ќе заминуваат во хотел. Ќе се игра пред празни трибини, додека, пак, по два меча на ден во живо ќе бидат пренесувани на спортскиот канал МТВ 3.