Металург славеше убедливо против хрватска Спачва со 35-28 (17-12) во денешниот меч од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на Европа (ЛЕ), одигран во Автокоманда.
Металурзите имаа иницијатива и контрола врз резултатот од самиот почеток на натпреварот, а како што одминуваа минутите, така разликата растеше. И второто полувреме продолжи со доминација на домашната екипа чија највисока предност изнесуваше девет гола.
Во последните десетина минути Спачва се доближи на минус пет, но македонскиот претставник возврати за конечни 35-28.
Златко Хорват беше најефикасен кај Металург со шест гола, додека по пет погодоци постигнаа Милан Поповиќ, Мартин Серафимов и Марко Тарабокија. Кај гостите се истакна Марко Бунтиќ со шест гола.
Реваншот се игра на 5 септември во Винковци.
Вториот македонски претставник во квалификациите Бутел беше елиминиран од унгарски Ѓенѓеш. Бутел денес победи со 25-24, но тоа не беше доволно за понатамошен пласман по вчерашниот пораз од 21-34. Та.Д.