По овој меч на табелата во групата Б, Бутел и Металург се на врвот со по 21 бод, но металурзите имаат одиграно и два натпревара помалку. Металург веќе денеска го очекува нов дуел, во Битола со Еурофарм Пелистер 2, во вториот меч од серијата од седум средби за десетина дена

РАКОМЕТ

Ракометарите на Металург во неизвесен дуел славеа со еден гол разлика, 20-19, на гостински терен кај скопски Бутел, во дерби-натпреварот што неколкупати беше одложуван, а во рамките на седмото коло во домашната Суперлига. Избраниците на тренерот Оливер Димитриоски успеаја да ја зачуваат разликата што ја стекнаа по првите 30 минути (11-10), а со тоа и да ги освојат новите три бода.
Клучниот момент на средбата се случи пред крајот на средбата, кога голманот на Металург, Даниел Дупјачанец одбрани удар од седум метри. Најефикасен кај победничката екипа беше десното крило Златко Хорват со шест гола, а кај домашните левото крило Мирко Мајиќ со седум погодока.
По овој натпревар на табелата во групата Б, Бутел и Металург се на врвот со по 21 бод, но металурзите имаат одиграно два натпревара помалку, односно имаат седум победи од исто толку дуели.
Металург веќе денеска го очекува нов дуел, во Битола треба да му гостува на Еурофарм Пелистер 2, во вториот меч од серијата од седум натпревари што треба да ги одигра за десетина дена, во кои е и дуелот од 4-то коло на Лигата на Европа, со австрискиот Фиверс, во вторник во Скопје.