Македонската репрезентација ќе игра во групата Г, со Шведска (вечерва од 20.30 ч), Египет и со Чиле. Со настапот на Мундијалот во Египет, Македонија го бележи седмото учество на СП, има и шест настапи на ЕП, а од 2012-та секоја година е учесник на големите натпреварувања
РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЕГИПЕТ
Македонската машка ракометна репрезентација ќе биде дел од 27-то Светско првенство (СП) во Египет, како замена за репрезентацијата на Чешка, која поради големиот број позитивни случаи на коронавирусот во своите редови го откажа настапот на СП. Македонија денеска од 20.30 часот игра со Шведска, во групата Г, во која се и Египет и Чиле, кои синоќа со меѓусебниот дуел го отворија Мундијалот.
Според протоколите на Светската ракометна федерација (ИХФ), Македонија беше прва резерва доколку некоја од селекциите-учеснички не ги помине тестирањата. Чешка од групата Г прва се откажа од настапот на СП. Статусот на втора резерва го искористи селекцијата на Швајцарија, која ја замени репрезентацијата на САД во групата Е, каде што се и селекциите на Норвешка, Австрија и на Франција.
Со настапот на СП во Египет, Македонија го бележи седмото учество на најголемата светска ракометна смотра, на која дебитира пред 22 години, токму во Египет, притоа продолжувајќи ја низата од пет учества на мундијалите во низа. Македонија има и шест настапи на европските првенства (ЕП), пет по ред. Од 2012 година, македонската ракометна репрезентација секоја година е учесник на СП или на ЕП.
По 22 години, во Египет се враќаат капитенот Кирил Лазаров (тогаш дебитант во националниот дрес на големо натпреварување) и селекторот Данило Брестовац (тогаш еден од голманите на националниот тим). На својот дебитантски настап Македонија го освои 18-то место од 24 селекции. Најдобриот пласман на СП македонската репрезентација го забележа во 2015 година во Катар, каде што го освои деветтото место.
Подмладениот тим на Македонија, на чело со капитенот Лазаров, искусниот Стојанче Стоилов и голманот Никола Митревски, на СП во Египет влегува без големи очекувања и амбиции.
– Пресреќни сме што ќе играме на уште едно големо натпреварување. За оваа млада екипа секој меч на СП треба да биде ново искуство и предизвик. Не сакам да правам притисок врз играчите и да барам некое чудо. Едноставно, треба да играме и да уживаме. Се надевам дека ќе се пласираме во втората фаза од натпреварувањето. Битно е да одиграме два квалитетни натпревари со Шведска и со Египет. Сакам на секој меч да размислуваме победнички и да извлечеме максимум од секој играч – изјави селекторот Брестовац.
Денешен противник на македонската селекција ќе биде четирикратниот светски шампион Шведска. Двете селекции на ЕП 2012 во Србија одиграа нерешено (26-26). Задутре Македонија ќе игра против домаќинот Египет (18 часот), а в понеделник (15.30 ч.) противник ќе ѝ биде селекцијата на Чиле, против која Македонија за време на подготовките одигра два контролни натпревари во Скопје, во кои забележа две победи.
Избраниците на селекторот Брестовац ќе ги играат натпреварите во Каиро. Пласман во следната фаза обезбедуваат трите најдобропласирани селекции од секоја група. Во втора фаза, групата во која е Македонија вкрстува со трите најдобропласирани селекции од групата Х, во која се Словенија, Белорусија, Русија и Јужна Кореја.
МАКЕДОНИЈА НА СП 2021
Голмани: Никола Митревски, Мартин Томовски, Никола Даниловски
Леви крила: Димитар Димитриоски, Цветан Кузманоски
Десни крила: Мартин Поповски, Ненад Костески
Леви бекови: Филип Талески, Марко Мишевски, Дарко Георгиевски, Михајло Младеновиќ
Средни бекови: Филип Кузмановски, Марио Танкоски, Горан Крстевски
Десни бекови: Кирил Лазаров, Мартин Велковски, Мартин Серафимов
Пикери: Стојанче Стоилов, Никола Маркоски, Жарко Пешевски
Шведска без неколку играчи
Во пресрет на Светското првенство, селекторот на Шведска, Глен Солберг, се соочи со низа откази, поради повреди и позитивни тестови на коронавирусот на дел од искусните и клучни ракометари во тимот. Поради откажувања на овој Мундијал, во тимот на Шведска ќе ги нема десното крило Никлас Екберг (Кил), пикерите Јеспер Нилсен (Левен) и Андреас Нилсон (Веспрем), централниот бек Линус Арнесон (Бергишер), левиот бек Лукас Нилсон (Левен) и левото крило Џери Толбринг (Левен). Шампионатот ќе го скокне и повредениот голман Микаел Апелгрен, како и десниот бек Албин Лагергрен (двајцата од Левен), а неизвесен е и настапот на пикерот Антон Линдског (Вецлар), кој се бори со времето по изолацијата поради коронавирусот.
ГРУПА Г
Шведска – Македонија 20.30 ч.
Египет – Македонија саб. 18 ч.
Македонија – Чиле пон. 15.30 ч.
сите мечеви со пренос на МТВ