Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Сакам на терен да видам борбена и концентрирана Македонија“, рече селекторот и капитен Лазаров во пресрет на натпреварот, а неговите избраници го спроведоа тоа во целост на дело, во мечот во кој Македонија го победи актуелниот двократен светски шампион и актуелен олимписки првак Данска со 33-29, во 3-то коло од квалификациите за пласман на ЕП, и се најде на чекор до седми пласман на континенталните првенства, 11-ти во низа на големите натпреварувања (ЕП и СП) и 14-ти вкупно

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2022 ГОДИНА

Македонскиот селектор и капитен Кирил Лазаров не можеше да посака подобро деби на клупата на македонската ракометна репрезентација. Како селектор од клупата и како играч на теренот, предводникот на македонскиот национален тим ги поведе своите избраници во голема победа (33-29) над моментно најсилната и најквалитетна светска селекција, актуелниот двократен светски шампион и актуелен олимписки првак Данска, во 3-то коло од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година.
„Сакам на терен да видам борбена и концентрирана Македонија“, рече Лазаров во пресрет на натпреварот, а неговите избраници го спроведоа тоа во целост на дело. Од првата до последната минута на натпреварот македонските репрезентативци на крилата на својата борбеност, пожртвуваност и ефикасност беа тие што ги контролираа играта и резултатот на теренот.
На Лазаров му беа доволни само неколку дена да направи комплетно ресетирање на тимот, кој пред два месеца бележеше лоши резултати на Светското првенство во Египет, и да подготви игра и стратегија со кои го надмудри својот искусен и трофеен колега на клупата на Данска, Николај Јакобсен.
– Среќен сум и горд што момците испочитуваа 90 отсто од тоа што се договоривме. Одигравме храбро. Цел живот сум напаѓач, но сите овие четири дена инсистирав да работиме на одбраната, а на играчите им беше смешно затоа што јас им велам да играме добра одбрана. Сепак, јас сум напаѓач и играм против квалитетни одбрани, и знам што е тоа. Добриот резултат тргнува од добрата одбрана. Ова е само почеток, јас знам што е спорт и го знам нашиот македонски менталитет. Сега најважно е да се пласираме, па за другото ќе размислуваме понатаму – изјави Лазаров.

Одличното отворање на Никола Митревски на македонскиот гол, поддржано од одличната и борбена одбранбена линија, целосно го разниша напаѓачкиот ритам на Данска. Јакобсен се мачеше да ја најде вистинската напаѓачка комбинација, се обиде и со напад „седум на шест“, но не успеа. Актуелниот светски првак беше целосно шокиран по одличната и борбена игра на Македонија пред сѐ во одбраната, која ги принуди избраниците на Јакобсен на многу грешки и слаба ефикасност во нападот.
Дејан Манасков, Филип Талески и Филип Кузмановски со по пет гола беа најефикасни во македонскиот состав, а одлична партија на голот имаше Митревски, кој забележа 13 интервенции. Кај Данците Микел Хансен беше стрелец на 11 гола.
По три одиграни кола, Македонија има максимален ефект од три победи и шест бода и е на првото место на табелата во групата 7. Реванш-дуелот со Данска се игра утре (од 16 ч.) во Алборг.
Пласман на ЕП 2022 обезбедуваат по две најдобропласирани селекции од секоја од осумте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните.


Победата на Македонија над Данска е главна вест во европските медиуми

Насловните страници на познатите медиуми од регионов и од другиот дел од Европа со бомбастични наслови и суперлативи го опишаа успехот на ракометната репрезентација на Македонија во дуелот со актуелниот светски првак Данска, во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година.
Еминентната шпанска „Марка“ напиша: „Македонија го победи светскиот првак на првиот меч на Лазаров како играч селектор“, германски „Спорт 1“ објави „Светскиот шампион Данска не успеа“, а Европската ракометна федерација (ЕХФ) излезе со наслов „Селекторот Лазаров дебитира со победа над светскиот шампион“. Регионалните медиуми пишуваа: „Селекторот Кирил Лазаров и Македонија го срушија светскиот првак“, „Лазаров може сѐ: Сензација во Скопје, падна светскиот првак“, „Македонскиот витез Кирил Лазаров на селекторското деби ја сруши Данска и постигна четири гола“, „Легендарниот Македонец на дебито го сруши најдобриот тим на планетата, никој не го очекуваше тоа“.


Јакобсен: Не го очекувавме ова

– Не се подготвивме добро и не го очекувавме ова. Направивме премногу грешки во нападот, а потоа и промашивме премногу шутеви, за да можеме да победиме тука. Натпреварот тргна во погрешна насока, а ние во ниту еден момент не можевме да излеземе накрај со двајцата пивоти. Имам многу меѓународни натпревари како кормилар на Данска, а овој се вбројува во најлошите – изјави селекторот на Данска, Николај Јакобсен.


ГРУПА 7

Македонија – Данска 33-29
Финска – Швајцарија 19-32
Швајцарија – Финска утре, 14 ч.
Данска – Македонија утре, 16 ч.

ТАБЕЛА
Македонија 3 3 0 0 6
Данска 3 2 0 1 4
Швајцарија 3 1 0 2 2
Финска 3 0 0 3 0