Ракометната школа во Крива Паланка е 27-ма во низата школи на „Академија Металург“, која важи за најголем ракометен расадник во Македонија и кој секоја година со гордост продуцира ракометни таленти што се мнозинство во националните репрезентативни селекции на Македонија
Најголемиот ракометен расадник „Академија Металург“ викендов ја доби својата 27-ма гранка на која ќе цутат и растат нови ракометни имиња и кои ќе се потрудат да ѝ го вратат ракометниот сјај на Крива Паланка по еднодецениската пауза. Тренинзите во школата на Металург ќе се реализираат двапати неделно во спортска сала „Петар Поп Арсов“, под водство на тренерите Оливер Златковски и Горан Цоневски, кои веќе првиот ден имаа повеќе од 30 деца желни за тренирање на овој динамичен спорт.
– Големо е задоволството што со помош на „Академија Металург“ младите од нашиот град повторно добија можност да тренираат ракомет. Водејќи се од мотото „во здраво тело, здрав дух“, посакувам младите, кои пројавија интерес да тренираат ракомет, да бидат идните репрезенти на грaдот во национални и меѓународни рамки. Ракометот во Крива Паланка имаше традиција во 80-тите години на минатиот век, кога постоеше шампионскиoт тим Партизан, кој оствари пласман и во Втората југословенска ракометна лига, но поради немањето услови за настап во повисокиот ранг, не продолжи со натпревари. Верувам дека од оваа наша соработка ќе никнат нови ракометни имиња што ќе бидат гордост на градот и на државата – вели градоначалникoт на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски на свеченото отворање на ракометната школа на Металург.
Ракометната школа во Крива Паланка е 27-ма во низата школи на „Академија Металург“, која важи за најголем ракометен расадник во Македонија и кој секоја година со гордост продуцира ракометни таленти што се мнозинство во националните репрезентативни селекции на Македонија.
Како плод на 15-годишното постоење на академијата и школите на Металург, на ракометните терени во Македонија излегоа повеќе од триста ракометни таленти што се заслужни за повеќе од 30-те титули државен првак во младите категории и повеќе од 100 репрезентативци и репрезентативки што со гордост го носат дресот на националните тимови во пионерска, кадетска и младинска конкуренција и paтeм нижат историски резултати за македонскиот ракомет.
Благодарение на својата создавачка политика „Aкадемија Металург“ е познат и признаен бренд и надвор од границите на Македонија. Ракометниот расадник од „Автокоманда“ свои „цутови“ има во Германија (Филип Талески, Филип Миркуловски, Марко Нелоски), во Унгарија (Дејан Манасков), во Романија (Гоце Георгиевски), во Турција (Никола Костески) и во речиси сите македонски тимови што ги препознале квалитетот и работата со младите ракометари од погонот на Металург.