Селекцијата на Исланд ја потврди фаворитската улога во групата 3, каде што се и репрезентациите на Македонија и Турција, забележувајќи убедлива победа над Грција, со 35-21, во 1-то коло од квалификациите за пласман на ЕП 2020 во Норвешка, Шведска и во Австрија.

Изненадување на првото коло се нерешените резултати на селекциите на Србија и на Црна Гора, кои имаат континуитет во настапите на последните европски и светски првенства, против аутсајдерите Белгија и Фарски Острови. Србите избегнаа пораз од Белгија со гол во последните секунди (27-27), а Црна Гора не успеа во последните 90 секунди да ја зачува предноста од два гола и им дозволи на ракометарите на Фарските Острови да изедначат на 24-24.

Изненадување е и историската прва победа на селекцијата на Португалија во дуелите со Романија (21-13). Последното учество на ЕП, Португалија го имаше во 2006-та, а Романија последен пат настапила на ЕП 1996.

Данска во првото полувреме беше шокирана од Украина (12-12), но во продолжението од мечот Данците ги раздвижија своите редови и забележаа сигурна победа, од 30-24. Во другите мечеви во средата Словенија славеше во дуелот со Летонија (27-21), Русија беше доминантна во мечот со Италија, Полска без проблем го победи Косово (37-13), Чешка славеше над Финска (31-27), Германија над Израел (37-21), а Унгарија беше подобра во дуелот со Словачка (30-22).

Во мечевите, пак, од Европскиот куп, Норвешка славеше убедлива победа над Австрија, со 43-31, а Шпанија за еден гол беше подобра од Шведска (29-28). 

РЕЗУЛТАТИ, 1. КОЛО
Црна Гора – Фарски О. 24-24
Чешка – Финска 31-27
Полска – Косово 37-13
Србија – Белгија 27-27
Унгарија – Словачка 30-22
Русија – Италија 34-20
Германија – Израел 37-21
Словенија – Летонија 27-21
Данска – Украина 30-24
Португалија – Романија 21-13
Исланд – Грција 35-21
СИНОЌА ИГРАА
Македонија – Турција
Белорусија – БиХ
Холандија – Естонија
Хрватска – Швајцарија
Франција – Литванија