Ме радува дисциплината во играта, бидејќи сите ракометари максимално коректно ги одработуваа поставените задачи и цели, вели тренерот на Металург, Кастратовиќ
Ракометарите на Металург со победа го завршија настапот на 48-от традиционален ракометен турнир во Струга. Во мечот за третото место металурзите го совладаа Охрид со 31-26 (15-13). Избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ преопуштено го започнаа мечот, па Охрид поведе со 5-1, но набргу играта на Металург се консолидира, па за краток период момците од „Автокоманда“ ги презедоа контролата на играта и резултатот и на полувреме заминаа со предност од два гола. Добро организираната игра и цврстата одбрана на Металург продолжи да функционира и во второто полувреме, во кое ракометарите од Автокоманда од минута на минута градеа сигурна предност, која на крајот резултира со триумф од 31-26.
– Преопуштено влеговме во натпреварот со Охрид, но, сепак, задоволен сум од играта и пристапот по 10-та минута. Добро функциониравме и во одбраната и во нападот, а ротациите се дополнуваа една на друга без да се промени ритамот на играта.
Ме радува дисциплината во играта, бидејќи сите ракометари максимално коректно ги одработуваа поставените задачи и цели – вели тренерот на Металург, Кастратовиќ.
Најефикасни во редовите на Металург во победата над Охрид, а и воопшто на турнирот, беа пикерот Бранко Канкараш (осум гола) и десното крило Златко Хорват (седум), кои заедно постигнаа половина од погодоците на својот тим. И двајцата реализираа по 16 гола на четирите меча.
Со настапот на турнирот во Струга заврши и подготвителната фаза на Металург, така што во следните десетина дена, до мечот од 1-то квалификациско коло за пласман во групната фаза на Лигата на Европа (ЛЕ) со Спачва од Винковци, на металурзите им остануваат корективните тренинзи на техничко-тактичката поставеност на играта и доуигрување на екипата.
– Презадоволен сум од сработеното за време на подготовките во Маврово, а исто така и од одиграното во Струга. Видов како функционираме како екипа, каде и што треба да се коригира до мечот со Спачва и сметам дека сме на добар пат. Факт е дека пет нови играчи во тимот не може за неколку тренинзи и три-четири меча да се навикнат едни на други во начинот на движење на теренот и во стилот на играта. Но евидентно беше дека во секој нов натпревар имавме напредок во играта. Затоа и верувам дека во следните десетина дена, до мечот со Спачва, ќе ги поставиме сите коцки на потребното место и максимално подготвени ќе влеземе во двомечот – истакна Кастратовиќ.
Првиот дуел со хрватскиот претставник Спачва е закажан за 29 август во Автокоманда, а реваншот е за седум дена во Винковци. Подобриот од овој двомечот ќе обезбеди место во 2-то квалификациско коло од ЛЕ.
Еурофарм Пелистер победник на турнирот „Струга 2020“
Еурофарм Пелистер е годинашниот освојувач на 48-от традиционален ракометен турнир „Струга 2020“, откако во финалето славеа над актуелниот македонски и европски првак, Вардар, со 26-23. Со оваа победа Еурофарм Пелистер стигна до 12-от трофеј на овој турнир (последен пат го освоија во 2011), израмнувајќи се по бројот со Вардар. Сега и двата клуба имаат половина (24) од вкупниот број трофеи на турнирот во Струга.
Добрата игра на битолчани беше причина и индивидуалните награди на турнирот да заминат на нивна адреса. Така, за најдобар голман беше избран капитенот Градимир Чаневски, најдобар играч беше Хрватот Стипе Мандалиниќ, а прв стрелец Тимур Дибиров од Вардар.