Во случај да бидат блокирани аеродромите во која било од земјите поради ситуацијата со ковид-19, ИХФ обезбеди приватни авиони за да ги донесат тимовите во Египет, според претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, изјави Хешам Наср, претседателот на Организацискиот комитет на СП

РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ЕГИПЕТ

Претседателот на Организацискиот комитет на Светското првенство (СП) во ракомет за мажи, што од 13 до 31 јануари 2021 година треба да се одржи во Египет, Хешам Наср, објави дека заедно со Светската ракометна федерација (ИХФ) целосно се посветени за обезбедување максимални услови за учесниците на СП.
– ИХФ обезбеди приватни авиони за да ги донесат тимовите во Египет, во случај да бидат блокирани аеродромите во која било од земјите поради ситуацијата со ковид-19, според претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа – изјави Наср за официјалната интернет-страница на Светското првенство.
Освен безбедното пристигнување во Египет, домаќините на СП и ИХФ во координација со здравствените власти на Египет изработија и здравствено-безбедносни протоколи со кои ќе се обезбедат максимум безбедни услови за одржување на 27-от ракометен Мундијал. Протоколите предвидуваат и тестирања пред и по пристигнувањето во Египет, а потоа и на секои 72 часа, сместување на репрезентациите во изолирани хотели, ограничени патеки за движење во хотелите, салите за тренинг и за натпревари, како и голем број други дополнителни превентивни мерки.
На СП 2021 првпат ќе играат 32 репрезентации. Титулата на минатиот мундијал, во 2019 година, игран во Данска и во Германија, ја освои репрезентацијата на Данска.