Светските ракометни ѕвезди, Никола Карабатиќ, Михаел Хансен, Кристина Неагу и Винсент Жерар пред извесно време со видеопорака поведоа кампања, со која од Европската ракометна федерација (ЕХФ) и од Светската ракометна федерација (ИХФ) побараа помалку натпревари во календарот и повеќе одмор за ракометарите преку слоганите „Не играјте си со ракометарите“ и „Ние сме од крв и месо“.
Меѓутоа бунтот на ракометните ѕвезди не го постигна посакуваниот ефект, бидејќи ниту ЕХФ ниту ИХФ нема да отстапат од двегодишниот циклус, а ниту Бундес-лигата, ниту првенството на Франција, имаат намера да го намалат бројот на натпревари.
Како одговор на нивното барање за повеќе одмор доаѓа одлуката на ИХФ за зголемување на бројот на учесници на СП, со кои би се намалил бројот на натпревари.
Досегашните четири групи со по шест репрезентации во кои се играат по пет натпревари во групната фаза, ќе станат осум групи со по четири репрезентации, во кои ќе се играат по три натпревари во групната фаза. Но времетраењето за одигрување на првенството ќе остане исто, 17 дена.
Следен чекор што ИХФ планира да го преземе е зголемување на бројот на играчи во ростерот на репрезентациите. На поширокиот список за СП 2021 репрезентациите ќе имаат по 35 играчи, а на терен ќе бидат 18, наместо 28 како досега и 16 на терен. Исто така селекторите ќе имаат право на пет измени во составот, во текот на натпреварувањето, наместо досегашните три.