Со освојувањето на титулата светски првак во ракомет, Данска стана една од четирите селекции, заедно со Франција, Германија и со Русија, што има златни медали од трите најголеми натпреварувања ЕП, СП и ЛОИ. Данска сега е актуелен светски и олимписки првак
Ракометрите на Данска имаат полно право да се радуваат на својата прва светска шампионска титула до која дојдоа со супериорна игра во сите 10 меча на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска. Во големото финале, а вторпат на првенството, Данска целосно ја надигра најбрзата селекција на Мундијалот, Норвешка, која мечот го загуби уште по првото полувреме (18-11), а продолжението од мечот беше само чиста формалност за беспрекорните Данци, кои одиграа како по показна вежба за учебник. За Норвешка ова беше второ едноподруго загубено финалето на СП од домаќинот (31-22), откако и пред две години беше поразена, тогаш од Франција.
Со освојувањето на титулата Данска стана една од четирите селекции, заедно со Франција, Германија и со Русија, што има златни медали од трите најголеми натпреварувања ЕП, СП и ЛОИ (Данска е актуелен олимписки првак). За тоа дека во финалето на 26-от ракометен Мундијал играа двете најдобри селекции зборуваат и бројките. Норвешка и Данска ги имаа најефикасните напади, кои во просек постигнуваа по 32,5 (Норвешка), односно 31,7 гол по меч (Данска). Норвежаните со 179 асистенции (17,9 по меч) ја имаа најтимската игра на СП, а Данците беа најконцентрирани и направија најмалку технички грешки во нападот, 55 (5,5 по меч). На десетте дуела на СП, норвешките играчи истрчаа најмногу контри, 82, од кои 70 завршија во мрежата на противниците, а Данците реализираа најмногу голови од транзиција 45 (4,5 по натпревар).
Од Данска, левиот бек Микел Хансен со ефект од 109 поени (72 гола и 37 асистенции) ја освои титулата најкорисен играч (МВП) на шампионатот, а голманот Никлас Ландин (84 одбрани) и централниот бек Расмус Лауге Шмит (44 гола и 35 асистенции) добија место во ѕвездениот тим на првенството. Од Норвешкиот состав, место во идеалната постава на СП добија левото крило Магнус Јондал (59 гола, втор стрелец на СП), левиот бек Сандер Сагосен (втор на МВП-листата со 98 поени од 51 гол и 47 асистенции) и пикерот Бјарте Мирхол (40 гола). Место меѓу најдобрите имаше и за десниот бек на Германија Фабијан Виде (24 гола) и за десното крило на Шпанија Фернан Соле (58 гола).
Хансен – вторпат најдобар стрелец и третпат МВП
Со 72 гола (имаше и 37 асистенции) данскиот лев бек Микел Хансен вторпат е најдобар стрелец на ракометните светски првенства (СП), а третпат ја доби титулата за најкорисен играч (МВП) на првенството. Ракометниот подем на Хансен почна на СП 2011, на кое со 68 гола првпат беше најдобар стрелец. На следниот Мундијал во 2013 година Хансен ја доби првата МВП-награда, а за најкорисен ракометар беше прогласен и на ЛОИ 2016, на кои со Данска стигна до првото олимписко злато. Хансен заедно со голманот Никлас Ландин, десното крило Ласе Сван и браќата Рене и Хенрик Тофт Хансен се петтемина, кои со Данска освоиле олимписко, европско и светско злато. Та.Д.