Металург, Вардар, Еурофарм Работник и прволигашот Бутел ќе бидат домаќини на четвртфиналните групи, по кои ќе се добијат полуфиналистите за 26-от Куп на Македонија во ракомет. Полуфиналните мечеви по групи, предвидени се за 21 и 22 април, а финалниот турнир на Купот, закажан е во периодот од 18 до 20 мај. Бранител на трофејот е Вардар, кој е и тим со најмногу вакви трофеи (12). Прволигашот Бутел уште сега ги најави своите високи амбиции, земајќи го домаќинството во групата 3, во која противник во полуфиналниот меч ќе го има Охрид.

Втората полуфинална двојка е Делчево Вардар – Пелистер. Во групата 1, која ќе се игра во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје полуфинални двојки ќе бидат Металург 2 – Вардар и Борец – Металург јуниор, а термините во оваа група дополнително ќе бидат одредени поради настапот на Вардар во четврт-финалето од Лигата на шампионите. Во групата 2 Еурофарм во полуфиналето ќе го пречека Прилеп, а Струга ќе игра со Радовиш. Ракометарите на Металург во првиот полуфинален меч во групата 4 за противник ќе го имаат Вардар јуниор, а втората полуфинална двојка е Пролет – Вардар Неготино.