Видеотехнологијата ќе биде исклучиво одговорност на судиите и тие ќе имаат право да одлучат дали ќе ја користат на мечевите за трофеите во Лигата на Европа за мажи и во Лигата на шампионите за жени и за мажи
РАКОМЕТ
Во соработката со својот долгогодишен партнер, француската компанија „Визија спорт“, Европската ракометна федерација (ЕХФ) на претстојните фајналфор-турнири во Лигата на Европа (ЛЕ) во Манхајм (викендов) и Лигата на шампионите (ЛШ) за жени во Будимпешта (29 и 30 мај) и за мажи во Келн (12 и 13 јуни), повторно ќе стави во функција две видеотехнологии, за повторена снимка и технологија за гол-линијата, како поддршка на судиите во донесувањето на клучните одлуки, пишува ЕХФ на својата интернет-страница. Видеотехнологија се користи и во повеќе други спортови, како фудбалот, кошарката, одбојката, хокејот, тенисот…
Со можноста за прегледување повторени снимки, на судиите им се нуди можност веднаш да проверат спорна ситуација на ТВ-екран, доколку не биле во можност целосно и јасно да го видат дејствието на теренот пред да донесат одлука.
Ова конкретно се однесува на клучните ситуации за време на натпреварите, кога судиите одлучуваат да се консултираат со снимки од различни перспективи, за дополнителен поглед на теренот, технологија што веќе неколку години е дел од завршниците во ЕХФ-натпреварувањата.
Технологијата за гол-линијата, пак, која им овозможува на судиите да користат снимки обезбедени од камери фиксирани на голот за да проверат дали топката ја преминала гол-линијата првпат се користеше на ЕП 2018 во Хрватска, кога по постигнување гол се вклучуваше црвено светло над голот. Новитет овој пат е тоа што камерите ќе бидат поврзани и со официјалниот часовник на натпреварот, па судиите ќе можат да проверат дали топката ја поминала гол-линијата пред или по истекот на времето.
Видеотехнологијата ќе биде исклучиво одговорност на судиите и тие ќе имаат право да одлучат дали ќе ја користат.