Фото: Маја Јаневска-Илиева

Добро ја анализиравме играта на Адемар Леон, кој зад себе има богато искуство, вели голманот Дупјачанец пред мечот со шпанскиот прволигаш

РАКОМЕТ – МЕТАЛУРГ ГОСТУВА КАЈ АДЕМАР ЛЕОН ВО 3. КОЛО НА ЛИГАТА НА ЕВРОПА

Пред нас е тешко гостување кај шпанскиот претставник Адемар Леон, кој зад себе има богато искуство од играње на европската ракометна сцена и кој е дел од шпанската ракометна школа, која е една од најпопуларните во Европа, вели капитенот на Металург, голманот Даниел Дупјачанец.
Со утрешниот меч од 3. коло од Лигата на Европа (20.45 ч., пренос на МТВ), во кој ракометарите на Металург ќе му гостуваат на Адемар Леон, ќе продолжи натпреварувањето во новоформираното натпреварување, во кое засега е одложен само дуелот помеѓу Татран Прешов и Динамо Букурешт во групата Б.
– Иако дуелот со Адемар ни доаѓа по двонеделен карантин и по напорно и дводневно патување со автобус, поради лошите авионски врски за време на коронавирусот, ќе се потрудиме да одиграме најдобро што можеме и да ја материјализираме секоја шанса на теренот во наша корист. Адемар има квалитетен состав, предводен од еден од најискусните шпански стратези Маноло Каденас. Добро ја анализиравме нивната игра, која ја карактеризира цврста и агресивна игра во одбраната, во позицискиот напад многу често се потпираат на играта со пикер, а традиционално Шпанците имаат одлична транзиција и брза контра. Во овој меч влегуваме без резултатски притисок, одиме да се надигруваме и да оствариме што подобар резултат, со максимална поддршка од нашиот старо-нов тренер Оливер Димитриоски – вели Дупјачанец.

За Шпанците, оваа сезона е 24-та во европските натпреварувања, од кои 13 сезони биле дел од Лигата на шампионите (ЛШ), пет во Купот на победниците на куповите (КПК), четири во Купот на ЕХФ и една во Купот на градови. Од поновата историја на ЛШ откако се игра фајналфор, Шпанците имаат едно четврт-финале во 2012 година и две осминафиналиња, во 2010 и во 2013 година. Имаат две титули од КПК (2005 и 1999 година) од четирите финалиња во кои играле и едно четврт-финале во ЕХФ-купот (2011).
За металурзите, пак, тековната е 20-та на европската сцена. Во деветте сезони во ЛШ имаат две четврт-финалиња, во 2013 и во 2014 година, и едно осминафинале, во 2012 година. Во четирите сезони во Купот на ЕХФ, најдобар пласман на Металург е четврт-финалето во 2008 година, а четврт-финале има и во една од трите сезони учество во КПК.
Во ЛЕ Адемар сезонава одигра еден меч со француски Тулуз, кој заврши без победник (26-26), а металурзите имаат пораз од дуелот, исто така, со Тулуз (33-29). Во шпанската лига Адемар одигра осум натпревари, во кои забележа пет победи и три порази и со 10 бода ја има 10-та позиција на табелата.
Тимот на Каденас сезонава го сочинуваат осум интернационалци и 11 шпански ракометари. Најефикасни во шпанскиот шампионат се левото крило Гонзало Перез (48 гола), пикерот Рубен Марчин Криадо (31), централните бекови Натан Антонио Суарез (28) и Тин Лучин (26), како и левите бекови Леонардо Елиос Боргез (25) и Едвин Перез (21). Хрватскиот голман Дино Славиќ има одбранбен ефект од 36 отсто (45 интервенции од 126 удари).
Во преостанатите два дуела од групата А, рускиот првак Чеховски Медведи ќе го пречека полскиот вицепрвак Висла (18.45 ч), а во истото време Тулуз ќе гостува кај австрискиот првак Фиверс.