Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најефикасни во составот на Металург на мечот со Фиверс со по седум гола беа десното крило Златко Хорват и десниот бек Мартин Серафимов. До крајот на есенскиот дел од сезоната на металурзите им претстојат уште три меча од домашното првенство

РАКОМЕТ – МЕТАЛУРГ РЕМИЗИРА СО ФИВЕРС ВО ЛИГАТА НА ЕВРОПА

Горд сум на играчите, го одржаа ветувањето и дадоа сѐ од себе на овој меч. По долгиот карантин и врзаните натпревари во домашното првенство, овој меч ни беше дополнително оптоварување, бидејќи сакавме да прикажеме добра игра и да стигнеме до први бодови во Лигата на Европа, изјави тренерот Оливер Димитриоски, откако Металург стигна до првиот бод сезонава од Лигата на Европа, во првиот меч на домашен терен, а последен во есенскиот дел од сезоната на европска сцена.
Металург одиграа нерешено со австрискиот Фиверс, 33-33 (16-19). Избраниците на Димитриоски не го почнаа мечот на посакуваното ниво, па дозволија брза и пробивна игра на противникот, кој преку левото крило Ерик Дамбок ги реализира контранападите и брзите центри по примен гол, но работите целосно се сменија во второто полувреме. Металурзите со серија од 7-1 ја презедоа играта во свои раце, наметнаа контрола врз играта и врз резултатот но, сепак, не останаа концентрирани до самиот крај, па освоија еден бод за крај на турбулентниот есенски дел од сезоната во која двапати мораа да отседат двонеделен карантин поради позитивни случаи на коронавирусот.

– Имавме осцилации во играта, но, сепак, бод си е бод. Задоволен сум што успеавме да се вратиме од негатива и покажавме дека можеме и знаеме да одиграме на високо ниво – изјави тренерот на Металург.
Иако имаат одиграно само три натпревари и освоен еден бод, ракометарите на Металург го имаат вториот најдобар напад во групата А со просек од 31,3 гол по меч, зад шпанскиот вицепрвак Адемар Леон, кој во просек постигнуваше по 31,6 погодок по натпревар.
Најефикасни во составот на Металург на мечот со Фиверс со по седум гола беа десното крило Златко Хорват и десниот бек Мартин Серафимов. Шест гола постигна пикерот Бранко Канкараш, пет гола додаде левиот бек Маријан Мариќ, а одлична партија на голот на Металург имаше Даниел Ѓорѓески, кој нанижа 10 одбрани.
До крајот на есенскиот дел од сезоната на металурзите им претстојат уште три меча од домашното првенство, од кои првиот го играа синоќа на домашен терен со Младост, утре треба да му гостуваат на Тиквеш, а в недела, со дуелот со Бутел, во Автокоманда, треба да го комплетираат есенскиот дел од сезоната. 


ГРУПА А

Металург – Фиверс 33-33

ТАБЕЛА
Висла 4 4 0 0 8
Адемар 5 2 3 0 7
Тулуз 6 1 2 3 4
Фиверс 6 1 2 3 4
Чеховски 2 1 0 1 2
Металург 3 0 1 2 1

Следни мечеви (9.2.2021): Металург – Тулуз, Адемар – Чеховски медведи, Фиверс – Висла.