Македонската машка ракометна репрезентација ја почна мисијата „Романија“. Селекторот Раул Гонзалес ги собра најдобрите репрезентативци на подготовки за бараж-дуелите со селекцијата на Романија, кои носат пласман на Светското првенство во 2019 година во Германија и во Данска. Првиот меч се игра в недела (20.30 часот) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, а реваншот е три дена подоцна во Клуж, Романија.
Поради континуитетот од настапите на големите натпреварувања, Македонија ја има улогата на фаворит во однос на Романија, затоа што на Романците последен настап на европските првенства им беше на ЕП 1996 во Шпанија, а на светските, во 2011 година во Шведска.
– Воопшто не е важно кој е фаворит, важно е кој ќе одигра подобро. Романците знаат да играат ракомет, високи се, големи и имаат сила. Ние повеќе или помалку ја анализиравме нивната игра, но и тие сигурно ја имаат анализирано нашата. Имаме една недела да работиме на уигрување, техника и тактика и верувам дека ќе се подготвиме и дека ќе прикажеме добра игра. Незгоден момент е тоа што реваншот се игра кај нив, но, сепак, сметам дека доколку имаме добра и мотивирана игра, не е важно на чиј терен играме – изјави Гонзалес.
Македонските репрезентативци на чело со капитенот Кирил Лазаров се свесни за значењето на пласманот на СП 2019, бидејќи учеството на Македонија ѝ носи можност за учество во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри во Токио во 2020 година.
– Овој бараж е од посебна важност за нас. Сите од срце посакуваме да се пласираме на Светското првенство, бидејќи пласманот на овој мундијал ќе ни донесе и олимписки квалификации за Игрите во Токио. Имаме доволно време да се подготвиме и најважно е да бидеме здрави. Сите сме малку изморени од напорната сезона, но си ја знаеме работата. Романија е квалитетен противник. Можеби немаат настапи на големи натпреварувања последниве години, но со тоа што го ангажираа Чави Пасквал за селектор ги покажуваат нивните сериозни амбиции за враќање на големите натпреварувања. Затоа, треба да сме максимално фокусирани. Нема да биде лесно, можеби не се атрактивен противник, но се квалитетни и имаат добри поединци. Верувам дека добро ќе се подготват за нас – вели Лазаров.
Паралелно со сениорската репрезентација на Македонија со подготовки почна и комбинираната сениорско-јуниорска репрезентација, која ќе ја претставува Македонија на Медитеранските игри во Тарагона, Шпанија. Та.Д.