Презадоволен сум од ангажираноста, енергијата и од мотивот со кој се одработуваат тренинзите. Се работи максимално посветено и ефикасно, што верувам дека ќе вроди плод на мечевите на Мундијалот, вели селекторот Брестовац
Македонската машка кадетска репрезентација ја одработува втората фаза од подготовките за настапот на Светското првенство за ракометари до 19 години, од 6 до 18 август во Скопје. Маврово е втората тренинг-база на избраниците на селекторот Данило Брестовац, кои претходно одработија и седумдневна физичко-кондициска подготовка во Струга.
– Презадоволен сум од ангажираноста, енергијата и од мотивот со кој се одработуваат тренинзите. Се работи максимално посветено и ефикасно, што верувам дека ќе вроди плод на натпреварите на првенството. Имаме уште десетина дена до почетокот на Мундијалот и првиот натпревар со Аргентина. Сега работиме на техничко-тактичките елементи за подготовка на играта во напад и во одбрана, а од наредната недела ќе почнеме и со видео-анализа и со тактичка подготовка за првиот меч со Аргентина. Верувам дека на 6 август спремни ќе го дочекаме почетокот на шампионатот – изјави Брестовац.
Селекцијата тренира по двапати на ден, а на Маврово ќе остане до 30 јули. Последната фаза на подготовките кадетите ќе ја одработат во Скопје, за кога е предвиден и еден пријателски меч, со селекцијата на Чиле.
Македонските кадети на СП ќе бидат дел од групата Ц, каде што противници ќе им бидат врсниците од Данска, Бахреин, Јапонија, Аргентина и од Нигерија, а натпреварите ќе ги играат во спортскиот центар „Борис Трајковски“во Скопје.
Пласман во осминафиналето обезбедуваат четирите најдобропласирани селекции од секоја од четирите групи.