Шпанскиот гигант го расипа перфектниот скор на францускиот првак, кој во изминатите четири кола беше единствена екипа во групите А и Б со максимален ефект од четири победи
Ракометарите на Вардар го доживеаја и вториот убедлив пораз во рамките на 5-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ). Овој пат на гостински терен од унгарски Веспрем, со 30-39, а под водство на Русинот Едуард Кокшаров, кој е привремено тренерско решение по смената на Шпанецот Давид Писонеро. Ова беше седма победа на Веспрем во дуелите со Вардар во ЛШ, еден меч завршил реми, додека црвено-црните двапати славеле, од кои најзначаен е триумфот на последниот финален меч во ЛШ (27-24), кога Вардар вторпат стана европски првак.
– Веспрем беше многу подобар од нас и заслужено нѐ надигра. Дадовме сѐ од себе, но… Бевме добри во првите 40 минути, а потоа не знам што се случи. Во вториот дел Веспрем реализираше голови во низа и се стекна со голема предност, а ние не можевме да го држиме тоа темпо – вели левиот вардаров бек Кристијан Дисингер.
Освен на самиот почеток, црвено-црните одиграа слабо, повторувајќи ги грешките од мечот со Кил во Скопје. Одбраната беше полна со „пукнатини“, нападот неубедлив, со многу избрзани и непрецизни удари, а голманите без потребниот ефект за вакви големи ривали. Ефикасноста на шутот кај домаќинот од 80 отсто и шесте технички грешки, наспроти 60 отсто на Вардар и 11 технички грешки, се доволен показател за она што се случуваше на овој дуел.
По измината третина од фазата по групи (Б), најмногу гола (166) има реализирано Веспрем, а најмалку Мешков (133). Најмногу примени гола (172) има Мотор, а најмалку (134) Кил, додека најголема гол-позитива (28) ја има Кил, а најголема гол-негатива (22) тимот на Мотор, додека Вардар има негатива од 12 гола (146-158). По овој пораз, скопјани паднаа на четвртата позиција и заедно со Веспрем и Монпелје имаат шест бода во групата Б, додека во водство е германски Кил, со девет бода. Впечатокот може да се поправи на 3 ноември во Скопје, против белоруски Мешков.
Со победата на домашен терен (36-32), шпанскиот гигант Барселона го расипа перфектниот скор на францускиот првак ПСЖ, кој во изминатите четири кола во Лигата на шампиони (ЛШ) беше единствена екипа во групите А и Б со максимален ефект од четири победи.
Германскиот вицепрвак Кил засега е единствената екипа во Б без пораз, откако во мечот на колото, на гостувањето кај француски Монпелје, славеше со 33-30. Германците по петте одиграни кола имаат едно реми (во 1. коло) против Киелце и четири победи во низа, од кои три на гости, кај Веспрем (37-31), Вардар (31-20) и кај Монпелје (33-30), и една дома, со Мешков (31-23). По синоќешното коло на Кил со девет бода и без пораз можеше да му се придружи и германски Фленсбург (но во групата А), ако успееше на гости да го победи Алборг. Откако се игра овој систем на натпреварување, во групите Ц и Д, пред две сезони Монпелје (како дел од групата Д) имаше низа од осум победи во првите осум кола од групната фаза и два пораза во последните две кола.
Откако е воведен фајналфор-системот (2009/2010), перфектна групна фаза со 10 победи без пораз и реми имаат одиграно шпански Сиудад Реал (2009/2010) и двапати полски Киелце (2012/2013 и 2014/2015).
Во групата Ц, шпанскиот вицепрвак Бидасоа Ирун со победата над најмладиот тим сезонава во ЛШ, Савехов, со 39-23, го прекина нивниот перфектниот скор од четири победи во низа и остана непоразен со едно реми, додека во групата Д, Динамо Букурешт вчера имаше шанса исто така да остане непоразен на врвот со едно реми, ако успееше на гости да го совлада полскиот клуб Висла.
Петтото коло му го донесе првиот бод сезонава на украинскиот првак Мотор, кој одигра нерешено 35-35 на гостувањето кај Порто. Ова коло беше среќно и за шведскиот вицепрвак Кристијанстад, кој на свој терен го совлада рускиот шампион Чеховски медведи со 36-28, што претставуваше и прва негова победа сезонава. Г.И.,Та.Д.
Резултати, 5. коло
Веспрем – Вардар 39-30
Мешков – Киелце 27-31
Монпелје – Кил 30-33
Порто – Мотор 35-35
ТАБЕЛА, ГРУПА Б
1. Кил 5 4 1 0 9
2. Веспрем 5 3 0 2 6
2. Монпелје 5 3 0 2 6
4. Вардар 5 3 0 2 6
5. Киелце 5 2 1 2 5
6. Порто 5 2 1 2 5
7. Мешков 5 1 0 4 2
8. Мотор 5 0 1 4 1
Двојки 6. коло (2.11): Киелце – Веспрем, Порто – Монпелје, (3.11) Вардар – Мешков, Мотор – Кил.