Дали 14-кратниот првак на Франција, 13-кратeн куп-победник на својата земја и актуелен европски првак Монпелје, ќе биде осминафиналист во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава зависи од денешниот исход со Вардар во Скопје (17.30 ч.). Црвено-црните, кои му го нанесоа првиот пораз по освојувањето на титулата во ЛШ, во 1-то коло (24-27), имаат можност и да го елиминираат во последното 14-то коло и со тоа целосно го заборават ланскиот полуфинален пораз на фајналфорот во Келн (27-28), а во меѓусебниот скор да го зголемат на пет победи, со по едно реми и пораз.
Ако Вардар победи, а Веспрем загуби од Киелце на гости, тогаш Вардар ќе биде втор во групата А, па најверојатно би играл во осминафиналето против Загреб, а ако биде трет тогаш веројатно со Мотор. Најголемата опасност за скопјани преку брзата противничка транзиција и контри ќе доаѓа од моментно првиот стрелец во ЛШ, десниот бек Мелвин Ричардсон (83 гола), како и словенечкото десно крило Вид Кавтичник.
Меч за влез во осминафиналето во групата А имаат и Мешков и Кристијанстад, па токму нивниот меѓусебен дуел ќе решава ако Монпелје загуби во Скопје. Во случај трите тима да имаат ист број бодови (Кристијанстад да го победи Мешков,а Монпелје да загуби во Скопје), тогаш Кристијанстад би бил осминафиналист.