Со денешниот меч (18 ч.) во салата Автокоманда во Скопје, помеѓу ракометарите на Металург и Пелистер, ќе започне плејоф-завршницата, односно 27-та трка за титулата ракометен првак на Македонија. Избраниците на Данило Брестовац ќе го пречекаат првиот од двата битолски претставници и ќе се потрудат да ја оправдаат улогата на фаворит. – Точно е дека сме фаворити во денешниот дуел, но не треба да заборавиме дека Пелистер во своите редови има неколку врвни играчи.
Стефан Дрогришки беше прв избор на Лино Червар на СП во Франција, а тука е и искусниот десен бек Александар Стојановиќ, кој своевремено настапуваше за ПСЖ.
Предводени се од тренер што има оставено длабоки траги во македонскиот ракомет и кај мене како играч, Јошко Петковиќ. Верувам дека со едно добро и коректно судење, ги имаме сите предуслови за добра ракометна претстава – вели тренерот на Металург, Данило Брестовац Во вториот плејоф-дуел (18.30 ч), дебитантот Бутел ќе му гостува на Пролет, додека, пак, мечот помеѓу Еурофарм и Вардар е одложен поради гостувањето на вардарци кај Загреб во осминафиналето од Лигата на шампионите и мечот од 5-то коло од групната фаза од Купот на ЕХФ помеѓу Еурофарм и Хановер.