Со оглед на тоа што ја имаме базата на играчи што ќе го понесат најголемиот товар, преку тренинзите и пријателските мечеви ќе се обидам да го надградам тимот со уште неколку ракометари, кои би донеле свежина и креативност во нападот и острина во одбраната, вели селекторот Брестовац
Со денешниот утрински тренинг во салата „Автокоманда“ во Скопје, заврши тренинг-фазата на подмладената македонска ракометна репрезентација, која ги одработува подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) од 9 до 26 јануари, в година, во Австрија, Норвешка и во Шведска.
Македонскиот национален тим попладнево заминува за Стара Пазова (Србија), каде што утре и задутре треба да одигра два контролни натпревари со селекцијата на Кувајт, а потоа репрезентативците продолжуваат за Букурешт (Романија), каде што в сабота и в недела ќе бидат дел од 12-то издание на традиционалниот турнир „Трофеј Карпати“.
– Задоволен сум од сериозноста и од посветеноста со кои ракометарите ги одработуваат поставените задачи на тренинзите. Со оглед на тоа што ја имаме базата на играчи што ќе го понесат најголемиот товар на ова првенство, преку овие неколку тренинзи и четирите пријателски натпревари ќе се обидам да го надградам тимот со уште неколку ракометари, кои би донеле свежина и креативност во нападот и острина во одбраната. Се обидувам да најдам играчи што би имале епизодна, но битна улога за тимот – вели селекторот Данило Брестовац.
По завршувањето на четирите контролни натпревари (Кувајт, Алжир и Романија или Холандија) Брестовац ќе одлучи кои ракометари ќе се приклучат кон А-тимот во последната фаза од подготовките, која од 2 до 8 јануари треба да се одвива во Словенија. Во тој период се предвидени уште два контролни натпревари со селекциите на Словенија (3 јануари) и на Црна Гора (5 јануари).
Во првото коло на ЕП 2020 (на 10 јануари) Македонија треба да игра со Украина, два дена подоцна против Чешка, а на 14 јануари е мечот со домаќинот Австрија (сите три натпревари се играат во Виена). Првите две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во главната фаза на континенталното првенство.
– Наша цел на ова првенство е пласман во втората фаза, која доколку ја оствариме и тоа како ќе ни требаат играчи за повеќе ротации во играта. Затоа натпреварите што следуваат во Стара Пазова и во Букурешт ми се многу битни за да моделираме играч, кој би ни бил важен во сите сегменти од играта, и за напад и за одбрана – вели Брестовац.