Марјан Велевски од Гренобл специјално за „Нова Македонија“
Ракометарите на Металург го претрпеа првиот пораз на подготовките во Франција. Во дуелот со екипата на Екс ан Прованс, Металург загуби со 17-36, но мечот воопшто немаше напреварувачки карактер, бидејќи тренерот Данило Брестовац им даде шанса на помладите играчи, односно на оние што не настапија на силниот турнир во Гренобл што пред два дена го освои токму Металург.
Во натпревар во кој металурзите испробаа повеќе варијанти во одбраната и во нападот, најефикасен беше Александар Шпенде со шест гола, додека младиот, 15-годишен Стефан Додиќ, на најдобар начин ја искористи шансата и укажаната поголема минутажа, постигнувајќи четири гола.
Изненадувачки, домаќините играа на моменти грубо и имаа несебична помош од судиите, но тоа беше добра шанса младите играчи на Металург да ја почувствуваат и таа страна на спортот.
Утре екипата на Металург игра пријателски натпревар со екипата на Ним.