Ракометарите на Металург со пораз ги започнаа натпреварите од пролетниот дел во Регионалната лига. Во мечот од 14-то коло, Металург загуби дома од екипата на Загреб, која предводена од новиот тренер Бранко Тамше одигра на високо ниво и заслужено стигна до 12-та победа во ова натпреварување, 36-24 (15-10) која им ја донесе и првата позиција на табелата.
Избраниците на Данило Брестовац солидно го започнаа натпреварот, беа сигурни во двата правца на игра, но по ротацијата во бековската линија, спедуваше пад во играта, кој резултира со серија од 6-0 за противникот. Металурзите ниту во продолжението од мечот не успеаја да го подигнат нивото на игра, па на крајот епилогот беше убедлива победа за хрватскиот шампион, со двоцифрена разлика.
– Воопшто не ми се допадна тоа што го одигравме. Во Франција со силни и квалитетни противници одигравме многу подобро. Бодовите немаше ништо да ни значат, но ме загрижува играта. Бевме отсутни и деконцентрирани на овој меч, немавме агресивност во одбраната, не бевме подвижни и не се враќавме. Добро го започнавме натпреварот, имавме предност од 8-6, но кога влеговме во ротација со репрезентативците – тие се однесуваа како да се на одмор. Наместо да влеземе во второто полувреме со егал-резултат, ние на паузата заминавме со минус пет. Имаме три седмици до следниот меч и ќе се обидеме да ги коригираме работите, бидејќи знам дека можеме да играме подобро – изјави тренерот на Металург, Данило Брестовац.
Пикерот Филип Арсеновски со пет гола беше најефикасен кај Металург, а по четири гола постигнаа крилата Бојан Маџовски, Анте Токиќ и бековите Александер Шпенде и Гонзало Рибеиро.
Во следниот меч од 15-то коло од Регионалната лига Металург ќе му гостува на српскиот вицепрвак Железничар во Ниш (на 27 февруари).