Наша цел е талентите што ќе покажат желба и потенцијал правилно да ги насочиме и моделираме според дефинираниот систем на функционирање, правилна работа и вистински спортски и животни вредности, рече Живко Мукаетов
Алкалоид е најновиот ракометен клуб на ракометната сцена во Македонија, откако официјално беше формиран во најтесна соработка на оваа моќна компанија и брендот КЛ7, претставен од селекторот и капитен на македонската репрезентација Кирил Лазаров. Приоритет на Алкалоид, кој во новата сезона ќе настапува во Првата лига на Македонија, ќе биде работа и унапредување на младите ракометари, кои би созревале низ годините и потоа би се наметнале како идни репрезентативци.
– Се решивме за ваква стратегија оти мислиме дека е место каде што се кршат копјата и каде што се кали челикот кога станува збор за млади ракометни надежи. Наша цел е талентите што ќе покажат желба и потенцијал правилно да ги насочиме и моделираме според дефинираниот систем на функционирање, правилна работа и вистински спортски и животни вредности. А тоа значи регрутирање, градење и насочување на младите македонски ракометни таленти. Цврсто ќе настојуваме да се промовираат позитивните вредности, интегритетот и кредибилитетот на целокупното работење – рече претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов.
Партнер на клубот е Лазаров, ракометниот бренд од светски размери што има огромно ракометно знаење и искуство.
– Ова е ракометен проект за добробит на нашата држава. Чест и задоволство ми е што сум дел од овој проект, каде што главната улога ќе ја носи една светски признаена компанија како што е „Алкалоид“. Ќе работиме заедно, а моето искуство кажува дека за да се оформи квалитетна база млади спортисти, најважно е да се работи квалитетно со нив. Сите заеднички треба да дадеме сѐ за да изградиме нови македонски репрезентативци, а преку вакви проекти и добра база играчи да не стравуваме за иднината во наредните 15-20 години. Секако, сето ова и со квалитетен стручен кадар и квалитетен тренажен процес. Клубот е подготвен за соработка и со другите клубови, за да го оствариме она што сите го посакуваме, а тоа е квалитетна македонска репрезентација – рече Лазаров.
Претседател на клубот е Горан Минов, поранешен ракометар, член на менаџерскиот тим на „Алкалоид“.
– Овој клуб ќе биде конципиран како и поголемиот дел од врвните европски клубови. Приоритет ќе биде квалитетен тренажен процес за младите македонски ракометари. Наша цел е модерен ракомет и издигнување на оваа игра на највисоко ниво. Факт е дека во земјава има многу деца што сакаат да тренираат, кои имаат квалитет, па затоа наша цел е со специфични тренинзи и методи на систематска работа, талентите што ќе ги регрутираме, еден ден да прераснат во квалитетни македонски ракометни играчи – рече Минов.