По високата победа над Велика Британија со 32-15, македонската селекција денеска, од 18 часот, се среќава со Италија, која во 1-то коло загуби од Украина
Македонската машка јуниорска репрезентација со убедлива победа над Велика Британија, со 32-15, го почна Шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), дивизија Б, кој се игра во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Избраниците на селекторот Данило Брестовац одиграа доминантен, сигурен и цврст меч, што резултира со висока победа над врсниците од Велика Британија.
– Среќен сум што со рутинска и дисциплинирана игра го отворивме шампионатот. Сите играчи што добија шанса да настапат одиграа максимално, на високо ниво. Ме радува одличната игра во одбраната, која мислам дека ќе биде уште подобра на следните натпревари – изјави Брестовац.
Одличната игра во одбрана на македонскиот состав им донесе голем број одбрани на голманите Матеј Петковски и Марко Кизиќ, а во реализацијата на нападот најефикасни беа Мице Шилегов со осум и Димитар Димитриоски со шест гола. Шилегов наедно го доби и признанието за најдобар играч на мечот.
Во 2-то коло македонската селекција беше слободна. Од групата во која е и Македонија, до втора победа стигна Швајцарија, која славеше висока победа над Велика Британија со 33-11, а победа забележа и Украина, која по изедначената игра во првото полувреме во продолжението од мечот ја победи Италија, со 30-25.
Денешен противник на македонскиот состав во мечевите од 3-то коло ќе биде селекцијата на Италија (од 18 часот), Украина од 20 часот ќе се сретне со Велика Британија, а слободна е селекцијата на Швајцарија.
– Не сакам да размислувам за друг исход освен победа. Верувам во момците, работевме добро во изминатиот период и верувам дека имаме што да прикажеме на терен. Италија ја респектираме како селекција, но ние на овој турнир сме за нешто повеќе од една победа над Велика Британија – изјави Брестовац.
Во групата А, по двете одиграни кола, максимален ефект има Белорусија, која ги совлада Грција (34-24) и Естонија (29-22), а една победа над Фарски Острови (26-24) и едно реми со Финска (21-21) имаат јуниорите на Литванија.