Нивната успешност се темели на тимската игра и брзината во нападот, како и борбената и подвижна игра во одбраната. Норвешка ги има најдобриот напад и одбрана, има најмногу асистенции, голови од контри и од транзиција, најмногу украдени топки и блокирани удари, како и најмалку технички грешки
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Селекциите на Русија, Шведска и на Шпанија од групата Б, Норвешка, Германија и Романија од групата Д, Данска и Франција од групата А, како и Хрватска од групата Ц, обезбедија место во следната фаза од натпреварувањето на Европското првенство за ракометарки што се игра во Данска. Другите три селекции кои ќе играат во главната рунда на ЕП беа одредени по синоќешните дуели од последното коло од групната фаза во групите А и Ц. Во трка за едно место беа Словенија и Црна Гора од групата А, а за две од групата Ц Унгарија, Србија и Холандија.
Според играта прикажана на трите досегашни натпревари, ракометарките на Норвешка доминираат во сите статистички категории. Тие ги имаат најдобриот напад, со просек од 35 постигнати гола по меч, и најдобрата одбрана, со 21,6 примени погодоци по натпревар. Нивната успешност се темели на тимската игра и на брзината во нападот, како и на борбената, подвижна игра во одбраната. Во трите меча, избраничките на Тхрорир Хергеирсон меѓусебно си асистираа 63 пати, односно 60 отсто од головите или 21 гол по меч ги постигнаа благодарение на тимската игра.
Својата брзина и умешноста на теренот Норвежанките ги демонстрираа преку 23 контри и 20 гола од транзиција, што им дава просек од 7,6 гола од контра и 6,6 гола од транзиција, или 14,2 погодоци по натпревар, што претставува ефект од 39,8 отсто од головите по меч.
Норвежанките имаат најмногу украдени топки, 19, или во просек 6,3, и најмногу блокирани удари, 20, или 6,6 по натпревар, а тие имаат и најмалку технички грешки, во просек по натпревар 20, или 6,6 по меч.
Во следната фаза од натпреварувањето трите најдобропласирани репрезентации од групите А и Б ќе ја формираат групата 1, а најдобрите селекции од групите Ц и Д ќе играат во групата 2. Во оваа фаза, селекциите ги пренесуваат бодовите од меѓусебните дуели од првата групна фаза. Двете најдобропласирани селекции во главната рунда ќе играат во полуфиналето, а третопласираните селекции ќе разигруваат за петтото место.