За ждрепката за баражот за СП, Македонија е во вториот барабан, со силни можни ривали. Во квалификациите за ЕП 2022, пак, Македонија е, исто така во вториот барабан, но од вкупно четири, во циклус од кој првите две селекции и четири третопласирани од групите ќе играат на тоа континентално првенство

По 15-то место на неодамнешното Европско првенство (ЕП) во Австрија, Норвешка и во Шведска, македонската ракометна репрезентација ќе има потешка задача во квалификациите за пласман на едно светско првенство (СП), овој пат во 2021 година во Египет. Македонија е во вториот барабан за ждрепката за баражот за пласман на Мундијалот, што значи дека избраниците на селекторот Данило Брестовац за противник ќе добијат некоја од селекциите што завршија од четвртото до 14-то место на ЕП 2020.

Тоа се Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Австрија, Унгарија, Белорусија, Чешка, Исланд и Франција. Дуелите се во јуни, а првиот меч Македонија треба да го игра дома. Од Европа, на СП 2021 директно се пласираа Данска (како светски првак), Шпанија, Хрватска и Норвешка (како освојувачи на медали на ЕП 2020).
Според актуелниот рејтинг на Европската ракометна федерација (ЕХФ), пак, македонската репрезентација одново доби место во вториот барабан за составување на групите во квалификациската трка за пласман на ЕП 2022, во Словачка и во Унгарија. На патот кон тоа првенство Македонија во квалификациите ќе ги избегне селекциите на Австрија, Белорусија, Португалија, Србија, Русија, Црна Гора и на Холандија.

Во првиот барабан се старите ривали Чешка и Исланд, но и Норвешка, Шведска, Данска, Германија, Франција и Словенија. Во третиот барабан, пак, се Швајцарија, Украина, Полска, Литванија, Романија, БиХ, Летонија и Белгија, а во четвртиот се Финска, Италија, Турција, Израел, Естонија, Грција, Косово и Фарските Острови.
Покрај домаќините Словачка и Унгарија, директен пласман на ЕП 2022 обезбедија и финалистите од неодамнешното ЕП, Шпанија и Хрватска, а за преостанатите 20 места ќе играат 32 селекции, поделени во осум групи. Место на ЕП ќе има за двете најдобропласирани селекции од секоја група и за четирите најдобри меѓу осумте третопласирани репрезентации.

Ждрепката на квалификациските групи е закажана за 23 мај во Братислава, а првите две квалификациски кола е предвидено да се играат во ноември годинава. 


БАРАБАНИ ЗА БАРАЖОТ ЗА СП 2021
ПРВ: Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Австрија, Унгарија, Белорусија, Чешка, Исланд и Франција.
ВТОР: Македонија, Швајцарија, Холандија, Црна Гора, Украина, Србија и подобрите од двомечовите во април Тунис – Русија, Романија – БиХ, Полска – Литванија и Израел – Летонија
ждрепката е на 9 март, мечевите се од 5 до 11 јуни

БАРАБАНИ ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2022
ПРВ: Норвешка, Шведска, Данска, Германија, Франција, Словенија, Чешка, Исланд
ВТОР: Австрија, Белорусија, Португалија, Македонија, Србија, Русија, Црна Гора и Холандија
ТРЕТ: Швајцарија, Литванија, Романија, БиХ, Украина, Летонија, Полска и Белгија
ЧЕТВРТИ: Финска, Италија, Турција, Израел, Естонија, Грција, Косово и Фарски Острови
ждрепката е на 23 мај, квалификациите почнуваат во ноември