Ракометарите на македонскиот првак, Вардар по седми пат ќе играат во финалето на Регионалната лига (РЛ), откако вечерва во салата „Викторија“ во белорускиот град Брест, го совладаа белорускиот претставник Мешков со 25-23. Во утрешното финале (19 ч.), скопјани ќе играат против хрватскиот првак Загреб, кому ова ќе му биде трето финале (еднаш успеал да триумфира), додека Вардар пак, четири пати славел во финалето (од шест можни), а утре ќе има шанса тоа да го стори и по петти пат.

Црвено-црните, предводени од тренерот Роберто Парондо, со четири гола предност (14-10), заминаа на одмор по првите 30 минути. Поведоа со головите на левото крило Тимур Дибиров и десниот бек Данаис Кристопанс, но домашните веднаш возвратија, а во 8-та минута успеаја и да поведат со два гола предност (4-3). Потоа следуваше период кога се играше погодок за погодок, за вардарци во 20 минута преку Кристопанс за првпат направат позитива од три гола (9-6), а две минути подоцна и со четири, преку левиот бек Игор Карачиќ. Оваа разлика до крајот на полувремето беше повторена уште двапати, во 30-та минута (13-9 и 14-10), со „проектилите“ на Кристопанс. Блескаа голманите и на двата клуба, Дејан Милосављев и Иван Пешиќ и двајцата со по осум успешни интервенции.

Во вториот дел повеќе возбудувања. Мешков користејќи ја анемичната игра на Вардар, успеа да влезе во ритам и да биде многу поефикасен на почетокот. Тоа резултираше со израмнување (17-17) во 44-та минута, а две минути подоцна избраниците на Маноло Каденас и да поведат со 19-18. Сепак, благодарејќи на извонредните одбрани на Милосављев, вардарци успеаја прво да израмнат, а во 54-та минута и да поведат со два гола (23-21), со погодокот на десното крило Данил Шишкарев. Црвено-црните успеаја да ја сочуваат оваа предност до крајот и да слават со 25-23.

Најефикасни кај вардарци беа капитенот Стојанче Стоилов со седум гола од седум обида, Кристпнас со 5/9, додека Карачиќ и Иван Чупиќ реализираа по три гола од пет, односно четири шута. Голманот на Вардар имаше 15 одбрани од 38 можни, додека Пешиќ 11/36.

Г.И.