Фото: Игор Бансколиев

Ракометарите на македонскиот првак Вардар најверојатно ќе играат против Загреб или украински Мотор, во осминафиналето од годинешната Лига на шампионите (ЛШ), во зависност од конечениот расплет во групата Б, натпревари кои се играат утре.

Тоа е епилогот по последното 14-то коло во групната фаза во групата А, откако црвено-црните попладнево во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје по вторпат годинава го совладаа актуелниот европски првак француски Монпелје (а вкупно петтипат во ЛШ), овојпат со убедливи 33-27 и на тој начин го елиминираа од понатамошниот настап во оваа конкуренција.

Фото: Игор Бансколиев

Со оваа деветта победа годинава и со вкупно 19 бода, скопјани завршија на третата позиција во групата А, бидејќи конкурентот за второто место унгарски Веспрем го совлада полски Киелце на гости со 36-35 и го освои второто место во групата.

Избраниците на тренерот Роберто Парондо фуриозно го започнаа натпреварот против Монпелје, правејќи серија од 5-0, додека гостите првиот гол го дадоа во 9-та минута. Доминацијата на Вардар кулминираше во средината на полувремето кога на четири пати имаше предност од седумгола, а последен пат во 21-та минута со погодокот на Сташ Кубе (13-6). Европскиот првак зеде здив при крајот на првиот дел и успеа да ја намали разликата на подносливи три гола 13-16).

Во вториот дел гостите само на почетокот успеаја да се доближат во два наврати на гол негатива (15-16, 16-17), а потоа Вардар повторно ја презеде иницијатаивата во свои раце и рутински мечот го доведе до крајот. Нјголемата предност повторно во четири наврати беше плус седум гола (28-21, 29-22, 32-25, 33-26)

Фото: Игор Бансколиев

Кај црвено-црните кои настапија без повредениот бек Вуко Борозан, најефикасни беа Данаис Кристопанс со 7, Игор Карачиќ со шест и Иван Чупиќ со пет гола, додека извонреден на голот беше Дејан Милосављев со 12 одбрани. Кај гостите Валентин Порте со пет гола.

Тaбела, група А: 1. Барселона (24 бода), 2. Веспрем (20), 3. Вардар (19), 4. Левен (14), 5. Киелце (14), 6. Мешков (9), 7. Монпелје (7), 8. Кристијанстад (5).

Г.И.